Пропагандата, спиновите и митот за непобедливоста на Груевски

by Фокус

Текстот е објавен на 18 јануари 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 916

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Кога кон крајот на 80-тите години од минатиот век се втурнавме во изградба на парламентарна демократија, исчитав едно чудо книги за правилата на игра во новиот систем. Денес, пак, после две децении, дојдов во ситуација да ги препрочитувам сведоштвата за авторитарните режими и диктатури. И да го препознавам во нив она што сега го живеам.

Оти нашиве преродбеници со агресивната пропаганда, платена со народни пари, се обидуваат да нѐ убедат дека демократурата што ја надградија и проширија до даска, она што со свои очи го гледаме и го чувствуваме,  да ми ти било демократија. И тогаш, природно, нели, се прашуваш: кој е овде лудиот, а кој збунетиот!

Со оглед на тоа што мантрата им е да верглаат по сто пати на ден исти пропагандни пораки, следствено на тоа, ќе мораме и сите ние инакумислечките граѓани да се повторуваме за да им парираме на спиновите и извртувањата. Да објаснуваме и појаснуваме зошто овој портокалов матрикс станува погубен по фрагилната ни демократска крв. И да ги користиме и цитираме оние кои историјата потврдила дека ја живееле и преживеале диктатурата.

Покрај неопходните приповторувања за она по што се разликува суштински една демократија од режим, овој пат сакам сефте да се осврнам на неколку митови на кои се ослонува власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Како прво, вмровците упорно и секојдневно работат на креирањето на митот за непобедливост на партијата што ја предводи Груевски.

Вториот мит е оној за совршениот пи-ар, иако веќе пропагандата и спиновите им делуваат и прозвучуваат како скеч од К-15 или истргнати од вонвременскиот „Монти Пајтон“. Да, тоа е така затоа што стварноста ни е како пародија, а само тогаш козеријата станува депласирана како жанр.

МЕТОДИ НА БЕЗГРАНИЧНО ЛАЖЕЊЕ И ЗАГЛУПУВАЊЕ

„Собирање на сите моќи – законодавни, извршни и судски во исти раце … тоа е тиранија“, осознал и напишал уште пред два века американскиот политичар и државник Џејмс Медисон. Се разбира, во државите кои се декларирале за парламентарна демократија, властите се подделени во уставот, но, ако при практицирањето на власта се случува нешто сосема друго, е тогаш станува збор за апсолутизам.

Во Македонија од осамостојувањето буквално сите политички гарнитури на власт тежнеаа и успеваа да ги подредат под свое и собранието и судството, администрацијата да им биде поле за вдомување на партиските војници, но, барем она што се третира како некаква четврта власт – медиумите, никогаш не беше целосно освоена. Е токму тоа им успева на актуелните. И кај да е, ќе го довршат „проектот“, се разбира,  доколку граѓанскиот отпор потклекне пред заканите, уцените и спиновите!

Впрочем, пропагандата е второто име на груевци. Лојалните ќе добиваат награда преку владини реклами, непослушните и критички настроените ќе се соочат со исчезнување. Но, за секој ќе се применува различен метод. Некаде поагресивен, друг пат по софистициран, а трет пат и ѓоа „пазарен“.

Поинаквата вистина од портокаловата, едноставно не смее да циркулира во етерот. И така „крачка по крачка“ веќе не може да разграничите што е информација а што е пропаганда, или, понаку кажано, вестите на одредени телевизии поадекватно ќе биде да се прекрстат во „Агитација и пропаганда“.

Да се продава лагата како вистина, е карактеристика токму на чистокрвните режими. Уште во 1934 година, поттикнат од ситуацијата во Германија, писателот Томас Ман пишува за опасните режими кои применуваат „методи на безгранично лажење и заглупување“. Кога му забележиле за неговите политички оценки, возвратил дека во таквите околности тоа е, пред сѐ, морален став. Лагата ги парализира и заглупавува поединците, но и цели народи, па, „чесниот човек нема избор – мора да застане наспроти измамите кои нуди режимот“, објаснил Ман, што некои наши интелектуалци уште не го свариле како морална обврска.

И уште една карактеристиките на ваквите режими е што секогаш водат негативна кампања против лидерот на опозицијата. Тоа во овој број на Фокус, го потврдува и Иван Андриќ, еден од „отпорашите“ на режимот на Милошевиќ.

Уште еден паталец од соседството, српскиот писател од еврејско потекло Филип Давид, еден од основачите на „Белградски круг, здружение на белградските интелектуалци, ќе ги сподели со јавноста своите опсервации за тоталитарниот систем, а како скица за интелектуалците што авторитарната власт ги создава по своја мерка- послушноста.

„Властите ја купуваат духовната елита така што и даваат функции, награди, удобен живот, а за возврат бараат јавна поддршка, или барем премолчена … На уметникот му ја признаваат дарбата, талентот, генијалноста, но, ако проговори за неправдите на системот, тогаш е лудак, будала, непријател“, ќе објасни Давид како праксата во Србија била според теоријата за режимите.

А каква е субината на непослушните!? Е нив им се дозволува евентуално да живуркаат на маргините, а тоа што „не им е одземено секое право на говор и движење, се зема како крунски доказ за широкоградоста на системот“, забалежал овој белградски интелектуалец, небаре ја имал на ум Македонија денес.

И конкретно и културно: дали ги препознавате сите или дел од претходно цитираните описи во преродбата!? Или, можеби, и вие како премиерот како главен аргумент ќе посегнете по она што е запишано во Уставот!? Јас, пак, сетики се прашувам, ако ова сега е демократија, тогаш како ли би изгледала преродбата како демократура или, не дај боже, диктатура!?

„ПРИДОБИВКИТЕ“ НА ВМРО-ДПМНЕ ПОСЛЕ 2011!

А сега за митот што до сега барем успешно го креираа – дека се непобедливи. Верувам дека пи-ар стратегијата им е во секоја пригода да повторуваат дека победиле шест пати последователно. Така треба да ви се вреже во глава дека победата е нивното второ име. Дека нема шанси никој против нив.

Од друга страна, и анализите на авторитарните системи одат во прилог на долговечноста на ваквите режими. Ама да потсетиме, тие успеваат да се одржат благодарение на стравот на граѓанството, ем пропагандната машинерија која ги глорификува владините потези, а го сатанизира лидерот на опозицијата.

И така, според таквиот маѓепсан круг, демек, нема шанси да се победи режимот, па, добро е секој да подразмисли дали е исплатливо да го крене гласот. Тоа е пораката со „шесте победи“ по ред нанижани, која, патем, треба дополнително да ги демотивираат оние кои можеби сметаат дека е дојден нож до коска, за да го победат стравот или конформизмот, сеедно.

И тука е добро да ѕирнеме во бројките. Во 2006 година, Груевски победи со околу 305 илјади гласови, додека СДСМ спадна на најниски гранки – само околу 220 илјади гласачи им дадоа доверба. Првите две години од власта на груевци им беа и најнормалните, барем споредени со ова сегашново. Ем тогаш веќе се загреваше и националната машинерија што кулминираше по НАТО самитот во Букурешт и неправдата со грчкото вето.

Токму тогаш, на тие предвремени избори во 2008-та, ВМРО-ДПМНЕ го достигна феноменалниот резултат од околу 470 илјади гласови. СДСМ и Бранко, пак, стигнаа до скоро половина милион во 2002-та, колку за споредба. Но, СДСМ како опозициската партија во 2008 уште беше грогирана, па нарасна ептен ситно.

И токму остварувањето на апсолутното мнозинство во парламентот, ги вознесе преродбениците. А во такви ситуации почнува владеењето под мотото „само небото ни е лимит“. И при сета речиси манијакално агресивна пропаганда, парламентарните избори во 2011 пратија интересна порака. Само што не секој ја апсолвирал правилно.

Не знам како вмровските стратези ќе објаснат зошто од 2008 до 2011, СДСМ нарасна од 230 на 370 гласови, а ВМРО падна за 30.000!? Всушност, сакам да кажам дека наспроти оние фиксни горе долу 200 и кусур илјади „верници“ на обете партии, во Македонија досега одлучуваат неопределените гласачи, оние кои знаат да ја казнат забеганата власт.

А од прекланските избори до денес, всушност, може да ги навеземе и најцрните моменти од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а што спинеријата портокалова до навредливи размери се обидува да ни ги шитне како „одбрана на државата“!

И, нели, реков ќе парираме со повторување, уште еднаш да си припомниме. Ја славеа изборната победа, кога се случи убиството на Мартин Нешковски, што се обидоа невешто да го прикријат или деталите за него. Само да не се разбере дека бркотницата почнала од славеничката бина. Тогаш, со таквиот идиотски спин, за прв пат го рабрануваа граѓанскиот дух за некаков граѓански отпор.

Од стравот да не прерасне во нешто поголемо и повлијателно, агит-пропот користеше секакви средства да го минимизира и етикетира младинскиот бунт. Би рекла, до кретенски објаснувања, што главно се сведуваа на напади кон протестантите.

ТВ фештите со апсот на Љубе Бошкоски, сниман и следен во текот на изборната кампања, сосе неуспешниот обид за некаква собраниска контрола на полициската акција, дополнително ја наслика портокаловата „демократија“ – мнозинството ја креира „вистината“!

Само што влегоа во парламентот, уште неизбрана беше и старо-новата влада, удрија најдолен пазар како од кванташки со цивилните воени злосторства, што, повторно, му дадоа поинакво име – автентично толкување на законот!

И нема да редам што се приредија во меѓувреме, туку само ќе завршам со насилното донесување на буџетот кога безмалку на клоци ја избркаа опозицијата. И тука ја утнаа, ја прекардашија и го разбудија граѓанскиот дух, оној де, кој има морална и хоризонтала и вертикала. Спиновите, пак, им прогресираат, се сѐ посмешни и се позбрлавени, што ги дожививувам како навреда на умот.

НЕ ЗНАЕШ ДАЛИ ГЛЕДАШ ВЕСТИ ИЛИ К-15!

Тој 24 декември 2012 е многу важен датум за оваа власт. Што се случи во Собранието, а што ни пласираа дека се случило!? Како што убаво забележа професорката Јасна Котеска, во интервју за „Граѓански“, „вестите на Сител телевизија тој ден беа застаршувачка, монструозна манифестација за силата на Бернајс пропагандата во медиумите во денешна Македонија“. Се разбира, сосе нејзината препорака дека „идните граѓански отпори веќе не треба да бидат насочени само кон уривањето на корумпираната власт, туку кон медиумските инфраструктури што помагаат и овозможуваат непречено владеење на власта“. Или, тоа одлично го наслови како „битка за враќање на нормалноста“.

Насловот на интервјуто за Радио Слободна Европа на популарниот јунак од К-15, Бубо Каров, „ВМРО-ДПМНЕ заслужува оскар за глума“, е одлична есенција на настаните. Како што реков, ќе се служам со цитати овој пат, како моја нова алатка против моќната вмровската метода против Фокус- клеветоманијата како орудије за замолчување. Да, проширено и надградено и со други „направии“. И така дојдов до сега екс гувернерот Перо Гошев, кој со години не стори политичка дума. Заради функцијата или поради нешто друго, сега не е важно.

„Македонија е потоната во лаги: лаги за историјата, лаги за националното битие, лаги за економскиот развиток, лаги за јавниот долг, лаги за вредноста на проектите, лаги за тоа каде всушност сакаат да ја одведат Македонија“, беа оценките на Гошев, кои, пак, совршено ја вклопуваат денешна Македонија во дефиницијата за авторитарните системи.

Сакам да кажам дека и виртуозната пропаганда, така нели ја оценуваа, веќе загуби на квалитет. И таа забега до лудило, што разбуди многумина што не беа симпатизери на опозицијата. Оти, навистина не ми е јасно кој пи-ар експерт го советувал премиерот на 5-6 годишни деца да има објаснува дека „го донеле законот за буџетот“!

И да споделам еден приватен миг. Токму кога на вестите ја гледав сцената Груевски со децата, а им раскажува за важноста на буџетот, ми се јави еден пријател посиромашен за овој тв извештај. Кога му кажав што се случува, онака од прва, би рекла логично ме праша: На К-15 било!?

Или, кога дете на 10 годишна возраст, додека го гледавме скечот на К-15 за буџетот и контрапротестантите, мудро ни дофрли: Ама ова не е К-15, ова се вести. Ете, искрената детска душа детектираше дека овие сцени и прилози како сериозни ги има фатени на сериозните „вести“!

Всушност, мислам дека ВМРО-ДПМНЕ е поисплашена од будење на народот, отколку народот од власта. Колку за споредба, и владата на СДСМ, во 2004 ја силуваше администрацијата да не излегува на референдум, местеа анкета кои требаше да пропагираат дека мнозинство ја поддржува територијалната поделба, и на крајот, се заедно, особено зачинето со американското признавање на Македонија под уставното име, резултираше со аминување на законот од страна на мнозинството граѓани.

На протестите организирани од тогашната опозиција, на чело токму со Груевски, гласноговорниците на владејачките партии се исмејуваа со малата бројка на присутни на митингот спроти собранието. И што? Потоа, го доживеаја најлошиот изборен резултат во 2006.

Немам некаков релевантен податок каков е учинкот на другите политики за ова фијаско, но, со сигурност можам да кажам дека граѓанскиот отпор се роди токму благодарение на таа нова територијална кројка, која не понуди никакви стручни и логични објаснувања за вештачкото зголемување на Кичево и Струга, освен за некаков нивен сомнителен политички пазар со Али Ахмети.

ПОРАЗ НА АРОГАНЦИЈАТА

Ќе се послужам и со примерот повторно од Србија, ама преку искуството на Борис Тадиќ и неговата Демократска странка. На ланските избори и тие изобилуваа со невидена црна кампања против конкурентот Тома Николиќ, ем максимална поддршка од клучните медиуми. Па, сепак, на крајот од баладата осамнаа и наслови од типот „Пораз на ароганцијата на несудениот српски Лукашенко“. Пресудија токму граѓанските акции за „белите ливчиња“.

Имено, за да ги демотивираат приврзаниците на Николиќ, режимските гласноговорници со денови ги експлоатирале податоците дека Тадиќ за прв пат освоил повеќе гласови од Николиќ уште во првиот круг. Ама и за прв потоа изгуби во вториот круг. Нејсе, таквото спинување всушност предизвика инает кај многумина, ем опуштање меѓу гласачите на Тадиќ.

„Врв на ароганцијата на стратезите на кампањата на сега веќе бившиот претседател Тадиќ, следеше после телевизискиот дуел, кога прорежимски аналитичари, со своите „експертски“ оценки буквално ја навредуваа интелигенцијата на граѓаните на Србија, иритирајќи ги умерените приврзаници на обете опции, а особено оние, до тогаш неопределени гласачи“, коментираа независните медиуми.

Всушност, токму губење на компасот и сѐ поотвореното навивање од клучните медиуми за режимскиот кандидат, конечно резултирале со долго очекуваниот  контраефект. Или, откако Тадиќ ги ставил под своја контрола речиси сите институционални и вонинституционални полуги на моќ, тоа меѓу граѓаните предизвикало страв од потполно гушење на демократските процеси во општеството, што особено меѓу независните интелектуалци било аларм за узбуна и повикување на отпор против обидот да се заведе диктатура.

Тесната разлика од само 30.000 гласови во полза на Николиќ, ја толкуваат не како победа на Николиќ, туку исклучиво како пораз на Борис Тадиќ и неговиот обид за гушење на српскиот демократски процес.

Мислам дека и кај нас се запали тој аларм, а и затоа власта станува се поагресивна. Така прави дополнителни грешки, но, може да биде и поопасна. За оние кои и денес ставаат равенство или преферираат поделена одговорност меѓу власта и опозицијата, ќе го повторам она што го напишав непосредно пред изборите во 2011. И за едната и за другата партија, тони хартија потрошивме кога беа или се на власт. Но, има изборни циклуси кога е многу поважно некој да падне од власт отколку кој ќе дојде.

Не се мерат тогаш програмите или лидерите, туку стоите пред изборот: демократија или диктатура. Оти власта расипува, па многумина пристојни демократи неограничената моќ постепено ги трансформира во диктатори. Сржта на демократијата, впрочем, е променливоста на власта, а не нивната вечност што сега сакаат да ни го наметнат како судбина, пропагандистите на преродбата.

Таков момент беа изборите во 1998, кога беше особено важно СДСМ да си замине. По некоја случајност да продолжеа, убедена сум дека ќе прогресираа до она што сега го имаме. Е во 2011 Македонија не доживеавме таков пресврт, и го добивме ова што го живееме оваа година ипол.

И да завршам со уште една невидена перверзија на ова портокалово време. Фокус секогаш како новинарска обврска ја сфаќал неопходноста да се бдее, критикува и контролира власта. Така било и за бранково, и за љубчово и за бучково време. За каква демократија зборуваат груевци сега, кога главна храброст стана да удриш по опозицијата и нивните лидери, а секоја грешна дума за Груевски и компанијата да се третира како тешка клеветничка  мисија со траорни психијатриски последици по моќникот.

И уште поголема мачнина ми предизвикува новосоздадените антибранковисти, кои, додека ние го критикувавме жестоко режимот на Црвенковски, се пенавеа да го одбранат неговиот лик и делата. И по принципот на задоцнето палење, „минаха години“, а тие сега „разбраха“ колку тој бил лош, или поточно колку е Груевски подобар.

Ми останува само да ги замолам, актуелните чувари на дворот на Груевски, кои очи ќе ни извадат оти не сме во пропагандниот филм во кој тие играат а некои и само статираат, да не се осилуваат со „мудри“ анализи и спознаји да нѐ обсипуваат пет-шест години откако сега најмоќниот Груевски ќе биде само лидер на опозиција. А можеби ни тоа!

Едвард Л. БЕРНАЈС
ТАТКОТО НА СПИНОТ

„Доколку ги разбираме механизмите и мотивите на групното размислување, тогаш можно е да се контролираат и да се покренат масите според нашата волја, без да го спознаат тоа“, пишува во една од своите први книги „Пропаганда“, Едвард Л. Бернајс, кој се смета за татко на спинот.

Книга со таков наслов објави новинарката Лари Тај, но, неформалниот статус на доктор над докторите на спинот му го признаваат сите кои живеат од пропагандата или, како што сега се вели Пи-Ар-от. Поживеал дури 104 години ( 1981- 1995), но неговите мајстории го надживеаја.

Иако терминот пропаганда добива поинакво значење благодарение на режимот на Хитлер и монструозниот ПР генијалец Гебелс, сепак како иронија на судбината може да се третира еден детал од биографијата на Бернајс. Тој е Евреин, па бил шокиран кога разбрал дека Гебелс во својата библиотека ги чувал сите неговите дела, но, и како токму неговите теории помогнале за подемот на Третиот рајх. Со други зборови, Гебелс го обожувал Бернајс.

Формулата за успешната пропаганда ја усовршил благодарение на она што го научил од неговиот вујко, Зигмунд Фројд. Поточно, ги користи психолошките техники како да ги замаскира скриените мотиви на пропагандната акција.

За да ги опише техниките за контрола на масите, во една од своите книги го промовира терминот „инженеринг на согласност“.

„Свеста и интелигентната манипулација со организираните навики и мислењата на масите е важен елемент на демократските општества …

Оние кои манипулираат со овие несвесни општествени механизми конституираат невидлива власт која што единствена има вистинска моќ над нашата земја …

Во речиси секоја акција од нашиот секојдневен  живот, било во сферата на политиката или бизнисот, или нашата социјална ангажираност или етика, доминирани сме од влијанието на мал број луѓе … кои ги разбираат менталните процеси и општествените примероци за однесување на масите. Тие се тие кои ги влечат конците, кои го контролираат мислењето на масите“, прв осознал Бернајс, а нашиве само успешно ја применија на дело неговата теорија.

Светлана БРОЗ, директор на НВО GARIWO
ГРАЃАНИТЕ ОД СТРАВ НЕ ГО ГЛЕДААТ СТРАВОТ НА ГОСПОДАРОТ

„Работев со преку 100.000 граѓани на овие простори и кого и да го прашав од кого се плаши, не смееја дури ни да го изговорат тоа. Граѓаните во својот страв не го гледаат стравот на оние од кои се плашат. Зашто, природно е илјада воени и мирнодопски профитери, криминалци, оние кои ја злоупотребуваат положбата во политиката, да се плашат од милионите со кои манипулираат“, е одговорот на невладината активистка Светлана Броз на прашањето, колку денес луѓето на просторите на бивша Југославија се спремни да се спротивстават на злото, насилството и неправдата.

Поаѓајќи токму од поентата дека граѓаните не се доволно спремни да се спротивстават на насилството и неправдата, бидејќи се премногу исплашени, е инспирацијата на Броз да работи на едукација за граѓанска храброст и држи предавање на трибини низ целиот свет.

Светлана Броз според семејните корени е внука на кумунистичкиот лидер или диктатор, сеедно, Јосип Броз Тито.  Сепак, после крвавиот распад на бившата федерација стана позната како директор на невладина организација Гариво, која покрај останатото е посветена на промовирање на „добри луѓе во зли времиња“..

„Сите инстиктивно ја препознаваат опасноста од критичната маса освестени граѓани, кои за сега успешно ги држат застрашени, не ретко и преплашени во етно-национални, верски или некои други омеѓани групи, кои така расцепкани ја немаат онаа сила која ќе ја имаат кога конечно ќе сфатат дека веќе немаат што да изгубат.

Кога стотина илјади граѓани ќе сфатат дека, всушност, во канџите ги држи сепак само шака организирани бандити опкружени со дузина телохранители, која систематски ги исцрпува заплашувајќи ги за постојано да се тресат за она ништо што го имаат, која им го одзела достоинството и ги држи во понижувачка ропска положба, наеднаш ќе се се случи пресвртот“, ја објаснува филигрантски прецизно г-ѓа Броз формулата според која владеат авторитарните лидери.

Поврзани новости