Пропаганда

by Fokus

Само преку брутална и супер суптилна пропаганда може најмоќните луѓе на светот, чија тежина се брои во стотици милијарди долари, исклучително голема моќ и матни бизниси, да бидат претставувани како филантропи“.

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

„Those who tell the stories, rule the world“ – Стара Хопи поговорка

Дури и старите Хопи Индијанци, за кои белите доселеници го имале карактеристичното стереотипно мислење, биле политички сосема писмени, кога уште пред двесте години биле свесни за моќта на пропагандата, се разбира со многу прост јазик, но и порака, како опишано во рамката. Од тие времиња до денес, пропагандата доживеа препород, поминувајки преку доктор Гебелс, Мекарти и ним слични, станувајќи побрутална, но и далеку посуптилна.

Само преку брутална и супер суптилна пропаганда може најмоќните луѓе на светот, чија тежина се брои во стотици милијарди долари, исклучително голема моќ и матни бизниси, да бидат претставувани како „филантропи“. Еден таков моќник, без ден медицинско образование или пракса, чие име ми е здодевно веќе да го споменувам, е моментално доктор број еден во светот. Нема меинстрим телевизија на која нема да го видите како дава препораки, весници што го цитираат, и секако никој од тие медиуми ниту за секунда не се праша, врз основа на што овој човек е експерт по медиицина?

Овој опскурен лик се зави во филантропска роба во последниве дузина години. Вратете го времето пред 2008 година, кога целосно се посвети на „филантропија“, Гејтс си ги лижеше раните од серија легални битки поради монополски политики на Мајкрософт, поради што истури милиони на судски трошоци и спогодби. Одеднаш само неколку години подоцна реши да се прешалта од корпоративен предатор во добар човек со големо срце. Верно, нема што.

Секако помага во креација на ваквиот имиџ ако давате дваесет и петмилионски грантови на водечки британски весници како „Гардијан“, ако ваши вработени експерти се редовни колумнисти во Њујорк тајмс, Хафингтон пост и слично. Се проценува дека на годишно ниво, Гејтс истура близу сто милиони долари на медиуми, секако од филантропски побуди. За таков износ на пари, ништо чудно за некоја година да ни биде претставуван и како синот Исусов, кој се појави во 2020-та за повторно да нè избави од гревовите!

Има и друг ноторен пример за „филантроп“, мошне познат на македонската јавност поради своевремената груевистичка црна пропаганда. Овој човек, иако во 2002 е кривично осуден од француски суд, поради берзански малверзации, редовно ни се претставува од професионалната македонска НВО мрежа како добротвор, а неговите критичари како „антисемити“ (иако ретко ќе слушнете некој да се повикува на неговото потекло) „теоретичари на заговор“ или едноставно десничари. Исто како и претходниот пример, истурањето милиони долари во медиуми и НВО-а значително помага во билдање позитивен имиџ, иако реалноста е посурова. За бога, па не за џабе Британците му дадоа прекар „човекот што го скрши грбот на англиската банка“.

Ова се само мал дел од дузина примери на ултрабогати и моќни луѓе што користат само фракција од своето богатство да си купат добар имиџ, но и сериозно и на мала врата да влијаат врз јавни политики, кои, меѓу другото, им ги тангираат и бизнисите. Јавното мислење можеби и не е дека се предатори (барем денес не е, или не е во целост), но познато е дека историјата ја пишуваат победниците, а тие што ги раскажуваат приказните, владеат со светот, како што и сфатиле старите Хопи Индијанци уште пред двесте години. Жалосно или не, биле двесте години пред денешнава генерална популација, која сè уште верува дека е можно, ем да го „даваш“ 50 отсто од своето богатство, ем константно истото да расте.

 

Поврзани новости