Референдумот за мерките за борба против климатските промени, што се одржа денеска во Берлин, пропадна бидејќи не излегоа доволно гласачи.
Иницијаторите на референдумот сакаа германската престолнина да стане климатски неутрална до 2030 година, а не до 2045 година, како што беше претходно планирано.
По преброените околу 98 отсто од гласовите, поддржувачите на предлогот само малку предничеа пред противниците за ваквата измена на законот, односно 423.000 гласаа беа „за“, а околу 405.000 беа „против“, се вели во соопштението на градската изборна управа.
Сепак, тој резултат исполни само еден услов за успешен предлог. Вториот услов, кворум од најмалку 25 отсто од сите граѓани со право на глас, не беше исполнет.
За успешен референдум, за предлогот би биле потребни околу 608.000 гласови.
Постојниот закон одредува рок за постигнување на оваа цел до 2045 година, што е и национална цел на Германија.