Шеснаесет – годишно девојче од Струмица кое беше пријавено во полициската станица за исчезнато во неделата, на втори февруари, е пронајдено, информираат од СВР Струмица.
Исчезнувањето на девојчето го пријавил неговиот татко, А.А. (41) во 20.40 часот, пред два дена, а настанот ги вознемири струмичани.
Повеќе детали околу тоа кога исчезнало девојчето, негова фотографија, ниту пак било каков друг детал кој што би бил корисен за јавноста, доколку го забележи девојчето, не беше објавен.
Според соопштението на СВР Струмица, наведено беше дека на 02.02.2020 во 20:40 часот во Полициската станица во Струмица А.А. (41) од Струмица пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка Џ.А. (16). Се преземале мерки за пронаоѓање на лицето.
Хризантема Рендевска од СВР Струмица денес за ,,Фокус” изјави дека девојчето било пронајдено.
Ова е втор случај на исчезнување на младо лице од Струмица. На 18-ти јануари од Босилово, Струмица, исчезна младата Марија Брзакова, а нејзиното исчезнување го пријавил нејзиниот сопруг дури по три дена.
За овој случај од СВР Струмица излегоа со многу малку детали и настанот се уште е мистерија која ја вознемири јавноста. Рендевска денес вели дека истрагата за Брзакова е во тек, а за сите детали медиумите да се обратат во ОЈО Струмица. Од таму пак, обвинителката Силвана Бајрактарова, задолжена за случајот, не е достапна за изјава.
Вики Клинчарова