Филипче: Не постои ниту еден сомнителен случај за корона вирус во земјава

by Fokus

Има доволно количини на заштитна опрема за медицинските лица, а ситуацијата е под контрола, потврди министерот за здравство, Венко Филипче.

Потенцира дека во текот на вчерашниот ден во државава не влегле луѓе кои биле во Кина, нема податоци дека тие кои влегле досега, а биле на патување во Кина, имаат какви било симптоми и засега не се основани стравувањата за ширење на корона вирусот во Македонија, бидејќи не постои ниту еден сомнителен случај.

-Реагенсите за испитување на коронавирусот денеска би требало да пристигнат во државава. Досега имавме договор со Србија крвните анализи да се праќаат во Ниш, изјави Филипче.

Посочи дека има околу 40.000 маски, скафандери и посебни мантили.

– Доколку имаме голем број заболени се обезбедуваме случајно нешто да не не изненади, така што опрема има сосема доволно. За време на седницата ќе ја информирам Владата за активностите кои се преземени. Во периодов од неколку денови правевме анализа со што располагаме во смисла на опрема, материјал, лекови итн. Ги анализиравме сите количини од сите институции кои може и треба да бидат вклучени во лекување евентуално доколку има пациент заболен од коронавирусот. Имаме доволни количини сега за почеток. Ќе пристапиме кон набавка на количини за да се обезбедиме за ситуација ако евентуално има и повеќе заболени, рече Филипче.

Во врска со тоа дали ќе биде издадена наредба до клиниките и болниците да се забрани посета на болни на хематологија и онкологија каде има потешки пациенти поради не само коронавирусот, туку и поради грипот, министерот рече дека тоа може да се случи во наредните денови, но не директно однесувајќи се на коронавирусот заради тоа што го нема ниту кај нас, ниту во регионот, туку на сезонскиот грип, заради тоа што има вообичаена бројка заболени, но ако достигне одреден праг ќе препорачаат ограничена посета во болниците.

Поврзани новости