Седум лица – мигранти, од кои шест од Сирија и еден од Ирак, вчера околу 09.00 часот се пронајдени од страна на полицијата во близина на угостителски објект на регионалниот пат Валандово – Струмица. Истиот ден, кај манастирот „Свети Илија“, во близина на Граничниот премин „Меџитлија“, полицијата спречила шест лица од Куба кои се обиделе илегално да ја преминат државната граница од Македонија во Грција.
По преземени мерки, полициските службеници, во близина на вештачко езеро во атар на село Белотино, соопшти денеска МВР, пронашле две патнички возила „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки и од слобода ги лишиле Н.Б.(31) и Б.И.(37), двајцата од Скопје, осомничени дека сториле кривично дело „криумчарење мигранти“.
За настанот бил известен Јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа од СВР Струмица.
Мигрантите и Н.Б. и Б.И. биле предадени на полициски службеници од РЦ Север за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во соопштението се посочува дека истиот ден во 17.30 часот кај манастирот „Свети Илија“, во близина на Граничниот премин „Меџитлија“, полициски службеници спречиле шест лица од Куба кои се обиделе илегално да ја преминат државната граница од Македонија во Грција. Истовремено биле приведени и Р.Ќ.(37), возач на возилото „фолксваген транспортер“, со кое се превезувале и сопатникот Џ.С.(51), двајцата од Скопје. Кубанските државјани, заедно со Р.Ќ. и Џ.С. биле предадени во СВР Битола за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.