Поранешниот кандидат за градоначалник на Гостивар од Левица, Дарко Грујоски, објави дека според микробиолошки наод кај него биле пронајдени јајца од цревниот паразит Ascaris lumbricoides, за кој тврди дека е последица од загадената вода во гостиварскиот водовод.
Станува збор за паразит кој се пренесува по фекално-орален пат, преку загадена вода, храна или нечисти раце. Грујоски наведува дека по препорака од лекар треба да се тестираат и најблиските членови на неговото семејство, бидејќи паразитот лесно може повторно да се пренесе доколку има и други заразени.
Тој побара одговорност од надлежните и праша кој ќе ги надомести трошоците за лекарските прегледи, анализите, лековите и изгубените работни денови, како и кој ќе им го врати здравјето и мирот на граѓаните.
Во меѓувреме, здравствените власти соопштуваат дека епидемијата во Гостивар е под контрола, дека бројот на новозаболени се намалува и дека во моментов приоритет е нормализирање на водоснабдителниот систем.