Промоција на монографијата „Светлана Антоновска – Македонската Челична Дама“

by Fokus

На 6 октомври 2017 година (петок), во Салонот 19:19, со почеток во 19:30 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“. Во досегашниот период, делата на истакнатиот општественик, политичар, статистичар и научник Антоновска и нејзиниот општествено-политички и професионален, односно научен ангажман не се целосно валоризирани во нашиот општествен простор иако за многу од нив временската дистанција од мигот кога биле најактуелни до миговиве што ги живееме не само што го овозможува, туку и го изискува тоа. Оваа монографија е прво дело во коешто е опфатен севкупниот период на нејзиното работење и дејствување, од нејзиното рано општествено-политичко ангажирање во седумдесеттите години на XX век па сѐ до последните години од нејзиниот физички живот.

За „Светлана Антоновска – македонската челична дама“ ќе говорат поетот Ристо Лазаров, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов. По повод објавувањето на монографијата, поздравно слово ќе биде упатено од Апостол Симовски, в.д. директор на Државниот завод за статистика – институцијата во и преку која Антоновска го даде својот најголем влог за нашето општество и за нашата држава, како основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија, односно како прв предводник на процесот на трансформација на македонската статистика и втемелувач на европските стандарди во неа.

На промоцијата, стихови за Светлана Антоновска ќе интерпретира актерот Благој Чоревски, а музичката програма ќе ја реализираат Христо Стојаноски (пијано) и Пламенка Трајковска (виолина). Во рамки на настанот, премиерно ќе биде прикажан и видеопортрет на Антоновска.

Во монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“, меѓу другото, поместена е и збирка на искажувања за оваа значајна личност на македонскиот XX век од нејзините современици – колеги и соработници од Република Македонија и од странство. Монографијата, покрај тоа што овозможува детална опсервација на ангажирањата, достигнувањата и резултатите на Антоновска, не претставува само подетален хронолошки приказ на значајни настани од нејзиниот општествено-политички и професионален пат, туку и „канал“ преку кој во нашата современост ќе се пренесе нејзиниот глас, став и визија од различните периоди на нејзиното дејствување и работење.

Промоцијата на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“ претставува одбележување на 65-годишнината од раѓањето и на 1 година од прераното физичко заминување на оваа значајна личност.

Поврзани новости