Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје денеска ќе ја промовира збирката раскази „Нека играат децата“ од младиот македонски автор Денис Бојаров.
Промоцијата ќе се одржи на платото на МКЦ од 20 часот.
На настанот ќе зборува македонска авторка Фросина Пармаковска.
„Нека играат децата“ е прва објавена книга на Денис Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот воопшто. Изобилува со автобиографски приказни, збогатени со имагинативната нарација, преку кои авторот воспоставува комуникација и блискост со читателот и му испраќа емотивни и моќни пораки.
Писателот Венко Андоновски за првенчето на Бојаров вели дека е вешто и мајсторски напишано и со префинет стил.
-Се работи за поучни раскази што носат многу силна порака и што ќе ви послужат да ги стоплите односите во семејството, ќе ја разбудат емпатијата во вас, ќе ве потсетат, научат и освестат за вашиот однос и внимание кон децата, животните и природата, ќе ви овозможат да доживеете душевен ораториум, вели Андоновски.