Времето денеска, претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, проследени со појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 13, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени.
Во Скопје, претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се зголеми, а кон крајот на денот ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне 25 степени.
Од утре до почетокот на следната седмица подрачјето на нашава земја ќе биде под влијание на серија влажни бранови кои што ќе предизвикаат времето да е променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Во среда и четврток ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 км/час), локално во форма на невреме. Од петок, а особено за време на викендот поради спуштање на студена воздушна маса врнежите од дожд на планините и повисоките места ќе бидат од снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Врнежите повремено ќе имаат обилен карактер, наместа над 40 л/м2 за краток период.