Пендаровски: Единствениот пат, гаранција за нашата перспектива и надеж за младите тука да успеат и оформат семејства е само западниот пат

by Fokus

„Само оваа политичка структура, само сите ние знаеме што значи да се бориш за македонските национални и државни интереси и знаеме како да ја позиционираме Македонија во ова немирно море од проблеми во целиот свет. Единствениот пат, единствената гаранција за нашата перспектива, единствената надеж за овие млади луѓе тука да успеат и тука да оформат семејства е само западниот пат и западната алијанса.

Ниеден од овие млади деца кои се иселија од Македонија не оди во Русија, Белорусија или во Кина, туку среќата ја бараат во Германија, во Америка, Канада, или во Нов Зеланд, сите економски развиени држави и супер економии, најдобрите универзитети се таму најдобрите здравствени системи, ние се стремиме да бидеме таму за да бидеме како нив, да добиеме не пари од кај нив туку ум, принципи и вредности врз кои ќе ја уредиме нашата Македонија да личи на просечна европска развиена и просперитетна земја. Затоа тоа е единствената опција“, изјави претседателот Стево Пендаровски на митинг со граѓаните во Гази Баба.

Тој додаде дека доколку некој се најде во дилема за кого да гласа на избори дека треба да има предвид дека СДСМ е целосна спротивност од опозицијата.

„Во моите изминати пет години ние сме имале и грешки, но тука е разликата, сите кои го прекршиле законот се соочија со законот и дел од нив се или во затвор или во притвор. Не се памети еден случај на вмровски активен функционер кога беше режимот дека отишол да лежи во затвор или во притвор. Ние тоа го направивме“ потенцираше Пендаровски.

Тој заклучи дека опозицијата во 2017 организираа насилен бунт со цел во собранието да не ја предадат власта на оние кои ја добија на легитимни и демократски избори.

„Организираа толпа насилници кои влегоа во парламентот да ги тепаат своите колеги пратеници. Некои од нив едвај жива глава спасија. Беа на граница на живот и смрт. Ние тоа не сме помислиле да го направиме. Немаме кратко паметење“, заклучи Пендаровски.

Поврзани новости