Проглас до пастирот: Груевски се надева на Трамп, а се крсти во Путин

by fokus

Пишува
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Вечерта на драматичниот проглас, кога Груевски гневно и се обрати на толпата насобрани симпатизери пред Државната изборна комисија, која наводно сакала да му ја украде победата на ВМРО-ДПМНЕ, главната дилема која ми се наметна е што наумил пастирот и каков крај ќе избере? Зашто, според очајничката реторика на прогласот, барем неговиот политички крај е извесен. Затоа решив да му се обратам во прво лице, со проглас на прогласот, како што заслужува.

Како сакаш, пастиру, да го завршиш своето еднодецениско авторитарно владеење со Македонија? Зад решетки, како озлогласен криминалец, откако ќе биде формирана новата влада на политичките промени или како борец против божемниот светски заговор на западниот империјализам и регионалната албанска закана за федерализација на Македонија? Како жртва на „соросоидите“, кои си решил сега, пред да паднеш (а доцна е) конечно да ги дисциплинираш и да го забраниш нивното работење во стилот на Путин, или како колатерална штета на „сонот“ на Ахмети за Голема Албанија, кој, мајката негова „шиптарска“, изгледа оти не сака веќе да влегува во влада со тебе за „чесна“ мафијашка поделба на криминалниот плен како и досега?

Како Милошевиќ, со отворена конфронтација против Албанците, НАТО, САД и Запад или како Јанукович со слична реторика, но со кукавичко бегство во Русија?

Херојски, откако ќе пуштиш уште малку братска македонска крв, да те пренесат со хеликоптер во притворско „помештение“ во Бондстил на Косово, или кукавички, како уплашена стрина, откако ќе договориш коридор со стратешките партнери да фатиш џенем од жална Македонија?

САМО БЕЛГРАД МОЖЕ ДА ТЕ РЕШИ

Зашто, вистина е оти прогласот на ДПМНЕ на прв поглед изгледа како да е стокмен од перото на антиглобалистичките, путиномански кадри на Фамилијата, како другарката Мирка, на пример. Полн е со лажен патриотизам и суверенизам. Арно ама, ноторен факт е дека дури и таа те жигосува, зашто и покрај тоа што си ја дал вистинската дијагноза и патриотски си ги испердашил амбасадорите за мешањето во внатрешните работи на Македонија, се уште продолжуваш да се колнеш во западните стандарди, во приврзаноста на ДПМНЕ кон НАТО и ЕУ!

До кога, забога, пастиру? Еве, се прашуваме и јас и Мирка истовремено. Зошто конечно не и соопштиш на древната македонска античка, југо-болшевичка раја која и на овие избори те гласаше од идеолошки причини – каде сакаш да ја однесеш Македонија само за да се спасиш? Тоа е дел од народот кој те гласа токму затоа што верува оти си искрено против Албанците, против ЕУ, САД и НАТО, за Путин и за нов светски поредок, кој наскоро демек треба да го погребе владеењето на Запад и на либералната демократија на Балканот, во Европа и во светот.

Значи, зошто својот крипто-путинизам дефинитивно не го разоткриеш јавно? Очигледно, затоа што на идеологија и геополитика помислуваш само како на изговор за своето криминално владеење и како шанса „победата“ на изборите да ја искористиш за продолжување на својата физичка слобода.

А како? Па така што веруваш и се надеваш, а надежта умира последна, нели, дека по 20 јануари, кога во Белата куќа ќе се всели Доналд Трамп, работите драматично ќе се променат. Дека САД преку ноќ ќе се повлечат и на „амбасадорот во заминување“, како што погрдно го нарекуваат твоите дпмнејци Џес Бејли, ќе му наредат да престане да се меша во внатрешните криминални активности на твојата Фамилија и да не и помагаат на „предавничката“ опозиција и на „сороспиите“ (нели Сорос ви е заеднички непријател и тебе и на Трамп?) да ја рушат твојата диктатура! А дека сте криминалци и дека во Македонија владеете диктаторски, знам оти и самите немате дилема.

Ти, пастиру, очекуваш Трамп да те остави на мира да пљачкосуваш и да дивееш, Вашингтон да им нареди на своите регионални балкански „клиенти“ – Албанците и командантот Ахмети да направат влада со твојата Фамилија, а не со опозицијата!

Мислиш оти треба само да го преживееш следниот месец и ооооп – ете ги повторно Горде, Сашо, Миле, Зоки и целата твоја криминална багра во игра. Сонуваш оти на Трамп ќе му се додвориш со Путин и на светот ќе му ги замачкаш очите за мега-криминалот од „бомбите“. Мечтаеш дека Трамп и Путин, во својот нов глобален детант, ќе те спасат како балкански Башар ал Асад, ама за разлика од жална Сирија, овојпат без капка пролеана крв во Македонија!

Мислиш дека си избран, дека си божествен, дека Македонија е „катена мунди“, па не џабе Стејт департментот ја става на ист ранг со убиството на рускиот амбасадор во Турција, или настаните во Германија во кои загинаа дузина луѓе во терористички напад, а МНР на Русија, како и секогаш, и по овие избори те поддржа ти да правиш влада, а не Заев!

Халуцинираш дека изборите, „бомбите“, СЈО, Судскиот совет, војната на Катица и Зврлевски, се твоето Алепо, во кое не страдаат невини деца, жени и старци, како во Сирија, туку бомбардерите на Путин ја уништуваат Шарената револуција, а ти и Трамп гледате од терасата на твојата шеесетмилиони евра вредна „Каза дел фашо“, додека Боркица и Меланија пијат шампанско. Будаличиште. Море, во тие трампистички влажни сништа, гледаш дури излез од лавиринтот за името и идентитетот, па дури и за претседател на Македонија се гледаш!

Каква трансисториска заблуда?! Незнам, навистина незнам каква точно геополитика ќе води Трамп, агресивна или изолационистичка, кооперативна или воено-хушкачка, но ако американските, барем малку пред руските интереси бидат доминантни во таа политика, а ќе бидат, зашто таа претпоставка е логична, знам оти ти си отпишан. А ти на Башар Ал Асад не можеш да му се фатиш ниту за мустаќот. Путин нема авиобаза на Криволак, ниту пак може воено да се истовари во Македонија,  а Трамп не можеш да го фасцинираш, зашто една деценија работиш против интересите на САД и НАТО во Македонија и во регионот. Доста е.

Море, не само што Трамп со тебе нема да се занимава, туку е прашање дали ќе чуе за тебе, а ако чуе, ич нема да му чуе. Ти си специјален случај, другарче, ама за Европа, а не за САД. Тебе Трамп ќе те остави на Меркел, а и таа нема да си ги валка рацете, туку ќе те префрли на Вучиќ за да те реши! Оти тебе само Белград може да те реши. Ти си дел од неговото идеолошко наследство, ти си безбедносно-политички монструм на удбашкото криминално подземје на Милошевиќ, а Вучиќ ја презеде обврската да расчисти со него. Тој мора да ја прекине опасната геополитичка игра со Македонија како „плацдарм“ на тајните српски национални интереси според кои НАТО не треба да дојде на границите на Белград, од југ.

ПОЛИТИЧКА ШИЗОФРЕНИЈА

Ете, токму затоа, Гвујо, твојот проглас е јасен сигнал дека ВМРО-Обвинета е во очајничка мисија. Такви малоумни пораки – дека НАТО, САД и ЕУ биле во ред, само нивните амбасадори во Македонија не чинат и се мешаат во внатрешните работи на државата, се знак на твојата класична политичка шизофренија. Тие се твојот сомнабул во кој единствено се крие желбата да куртулиш од Идризово. А што мислиш, ќе куртулиш ли? Не би ставил многу пари во кладилница на тој облог. Немаш баш многу изгледи.

И што ти предизвика таква психичка болка што мораше во стилот на Мадуро да ги измаршираш амбасадорите на САД Џес Бејли и на ЕУ Самуел Жбогар од твојата мермерна палата на раскошот и злото, срамно објавувајќи што си им порачал, ама не откривајќи баш многу што точно ти кажаа тие?

А што ти кажаа? Па, амбасадорите, очигледно, само ти ја потврдија веста што ја доби вечерта на 11 декември, дека иако ВМРО-ДПМНЕ победи, всушност ти ги загуби изборите, зашто волјата за промени е јасно изразена од мнозинството граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи – над 600.000 кои сакаат да му стават крај на твојот режим. Но ти продолжуваш да врескаш за победата и за нелегитимната власт која би можела да се создаде во Македонија, доколку таа ти биде украдена. А знаеш оти ниту си победил, ниту пак некој нешто ќе ти украде. Зашто, ти си тој што постојано крадеш, а поразот го прикажуваш за победа!

Еј мајката, никако не ти се слуша оти победата си е победа само ако успееш да составиш влада, а? Не сакаш да чуеш оти парламентарната демократија лежи на едноставна политичка логика и за неа не е важно дали твојата партија освоила најмногу гласови на изборите и дали имаш пратеник-два повеќе во Собранието, туку дали ќе успееш да стокмиш парламентарно мнозинство за да формираш влада. Што велиш, ќе успееш, а? Знам оти Хорхе ќе ти го даде мандатот дури и ако се фемкаш. Пробај бе, зошто да не пробаш, некој пробал па се усрал!

Затоа, друже, твоите пораки од прогласот дека „ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи аболицираниот криминалец Зоран Заев да формира влада“, од една страна звучат губитнички, како тажачка по умрен или уште подобро како некролог на жив амбасадор, ќосева клетва против довчерашниот коалиционен партнер – ДУИ, ако одлучи да оди со опозицијата, но од друга, делуваат застрашувачки – дека ти и Фамилијата сте подготвени да ја втурнете Македонија во нова, овојпат безбедносно-политичка криза, само да си ја спасите кожата.

Не верувам во сценарија за вонредна состојба од ердогановски тип, како што сугерираат некои аналитичари, за класичен државен преврат, но не затоа што ти немаш такви склоности, багро, зашто во битката да се спасиш ти си подготвен да посегнеш по се што ти е на дофат, туку затоа што каква била неуставна разврска на македонската криза на каква што помислуваш, е неизводлива без подраматични последици за опстанокот на државата. Знам оти тебе те заболе за државата, зашто ти си имаш хациенда во Москва, ама таа на сите нам ни е важна, а фактор на стабилноста, за твоја жал и на Фамилијата, и за среќа на Македонија, денес се огромното мнозинство граѓани и најголемиот број Албанци.

РЕТАРДИРАН СИ, ЕВРОАТЛАНТСКИ

Полн со непокор и спремност на борба што ја карактеризира паролата која многукратно се повторува во него – „ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи…“ – твојот проглас открива психо-политичко растројство на зависник од авторитарна власт, моќ и пари, кој се уште мисли оти државата, институциите, ДИК, Управниот суд, изборниот резултат, парламентот, демократијата, граѓанскиот сектор, евроатлантските интеграции и воопшто, животот во Македонија зависат единствено од твоите одлуки и од твојата политичка волја, пастиру. Ти не разбираш оти веќе не го контролираш мнозинството граѓани во Македонија, дека веќе немаш мандат да продолжиш да владееш!

А зошто да не можеш, си викаш, а? Па нели некако можеш да составиш влада? Можеш „мало морген“. Реално не можеш, зашто имаш непремостиви пречки. Ретардиран си етнички, политички, регионално, национално, кривично, евроатлантски, психосоцијално… За жалење си.

Не можеш, зашто таквата твоја евентуална влада, да речеме со Ахмети и Тачи, прво, ќе биде против интересите на Албанците во Македонија, вклучително и на оние кои гласале за ДУИ и ДПА, а јасно го презираат твојот криминален режим и Фамилијата. Не можеш, затоа што командантот на овие избори го преполови својот број на гласови и пратенички места најмногу поради тоа што ја делеше власта со тебе, бандо руска, а ти ја урниса евроатлантската иднина на Македонија, ги опљачка граѓаните, Албанците ги третираше како политички заморчиња и ги затвораше без око да ти трепне. ДПА, пак, ги загуби изборите затоа што Тачи му беше верен до смрт на братучед ти, за разлика од тебе кој ќе му бидеш верен и на оној свет, нели!?

Не можеш, најмногу затоа што влада што за тебе ќе биде спасоносна, е политичка илузија, затоа што таа нема да го промени начинот на досегашното автократско пљачкашко владеење, ниту, пак, може да почне да ги спроведува Итните реформски приоритети на ЕУ и Извештајот на Прибе. А граѓаните Албанци кои гласаа за тоа нема да поддржат таква влада.

Плус, секој нормален човек знае дека нема шанси ти да го ослободиш судството и тоа да почне да суди правично, зашто прво ќе им се пушти на тебе и на Фамилијата. Не можеш особено по твојот проглас во кој јавно се откажа од Пржинскиот договор, од идното посредување на странски дипломати во какви било нови преговори за разрешница на политичката криза.

Ти, пастиру, со твојот идиотски проглас, не само што го закопа договорниот расплет на македонската криза, туку самиот се отпиша од некаква широка влада, која би можела да биде меко приземјување за тебе и за Фамилијата. Ама што да ви правам, кога размислувате со мускулите на Ќосето.

СТАВИ БАРЕМ ШАЈКАЧА!

Повеќемина борци против режимот кои со години го черечат тоталитарниот фашизоиден карактер на твоето владеење, освен докажаните злодела и криминалот што го „красат“ твоето мафијашко злосторничко здружение, речиси по правило ве споредуваат со историската ВМРО на Тодор Александров и многу повеќе на Ванчо Михајлов, алудирајќи на мракобесните братоубиства во организацијата, на тероризмот, на предавствата и на парадигмата со Ќосето. Но, таа слика за твојата ВМРО-Обвинета како реинкарнација на историската ВМРО, не само што е површна и неука, туку ги промашува главните идејно-политички одредници на твоето вјерују.

Историската ВМРО правеше сојуз со Албанците. Хасан Беј Приштина и Ванчо Михајлов соработуваа наспроти заедничкиот поробувач, кралска Југославија. Таа ВМРО беше прозападна, а ти си болшевичко копиле, пастиру. Како да те правел Сталин за време на Граѓанската војна во Грција, а потоа те посвоил шефот на грчките комунисти Никос Захаријадис и те однел со себе во егзил во Сибир. Ти имаш врска со Запад колку што Ескимите имаат со Флорида.

За жал, во кусата историја на македонската независност и парламентарна демократија има една константа на огромен непремостлив јаз и дисконтинуитет на твојата ДПМНЕ-бандитска со историската ВМРО, се од нејзиното основање во Минхен, со значајна улога на УДБ-а и КОС, преку милошевиќевската „победа“ на првите парламентарни избори со агенда за „кастрење на канџите на орелот“ и пароли од типот „Смрт на шиптарите“, па до денес. Всушност, таа пирова победа на првите избори го спречи твојот претходник Георгиевски да прави влада со единствената партија на Албанците – ПДП, поради што работата многу наликува на оваа твоја денешна изборна „победа“, кога натоварен со антиалбанска и антизападна реторика ти ја врати Македонија во времето на наци-болшевизмот од последните години на екс Југославија, кога Извршниот совет на Македонија ги рушеше високите ѕидови од куќите на Албанците во Арачиново!

Значи, што и да се случи, друже, ќе остане забележано како историски срам оти само за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, наследничка на историската ВМРО, во независна Македонија од 1991 до денес, во првиот мандат на Љубчо Георгиевски 1998-2002 и во ова мрачно десетлетие од 2006-2016, во кое ти не тормозиш, Македонија се конфронтира со меѓународната заедница, со НАТО, со САД и Европската унија! Љубчо може да се вади на војната што му ја стокми УЧК, за која до денес не се знае дали и колку беше забиберена во кујните на режимот на Милошевиќ. Арно ама, и тој падна на црната српска пропаганда дека НАТО и САД, ЦИА и БНД ни стокмиле валкан конфликт за да ја поделат Македонија. Како што ти сега бладаш, оти не сакаш да признаеш дека си криминалец и диктатор.

Е како бе никогаш не се погледнавте себе си во огледало? Да ви ибам војводите, да ви ибам. Ја наследивте ВМРО на Гоце Делчев и Ѓорче Петров од Солун, Кукуш и Софија, на Александров и Михајлов од Штип и Горна Џумаја, а завршивте со тезите на четничкиот војвода Шешељ, со „обојците и опанците“ на Караѓорѓевиќ. И ти ли ќе се премислуваш како Љубчо по неколку години, а? Владо Черноземски се превртува во гробот кога те гледа, предавнику! Стави барем шајкача кога веќе не можеш руска шубара!

Затоа, твојата реторика од прогласот оти ВМРО-ДПМНЕ останува на про-западниот курс, за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, е празно место, шарена лага, бесмислица, кога самиот знаеш оти Фамилијата грубо ги крши основните начела на евроатлантизмот – владеењето на правото, демократијата, човековите права, правната држава!

СНЕГ НА ШЕРЕМЕТЈЕВО

Не, не го потценувам финансискиот и другиот мафијашки арсенал на можности, кои тебе и на твојот режим ви стојат на располагање во решавачката битка за физичка слобода… Во деновите што идат, без оглед на резултатот од прегласувањето во Теарце, а вклучително и таа важна епизода, знам оти ти и Фамилијата ќе истурите десетици милиони евра за гласови и ќе понудите уште толку за купување пратеници од противничкиот табор, ќе го уценувате Ахмети, нарачувајќи му медиумски атентат ако одбива да влезе во заедничка влада, ќе откривате невиден криминал и предавство на албанските национални интереси од раководството на ДУИ, а ќе организирате и апсења, погроми и обвиненија.

Но, што мислиш, дали ова ќе ти помине, пастиру? Дали ќе успееш да го киднапираш ДУИ? Јас мислам оти без оглед дали Еди Рама во Тирана му пренел порака на Ахмети од шефот на ЦИА, Џон Бренан, или од Ангела Меркел, лично, дека со тебе е опасно да се седи во иста просторија, а не во заедничка влада, ДУИ ќе ти го најде чарето.

Следува заеднички состанок на сите партии на Албанците што влегоа во Собранието, на кој Ахмети и дружината треба да изградат заедничка платформа за интересите на Албанците и за коалицирањето во идната влада. Таа платформа, пастиру, за твоја жал, нема да се гради на големоалбански премиси, туку заштитувајќи ги интересите на Албанците во Македонија, ќе гледа прогресивно и на интересите на Македонците и на целиот регион. А тоа е враќањето на слободата, демократијата и правдата во Македонија, евроатлантските интеграции, ослободувањето на политичките затвореници, продолжувањето на мандатот на СЈО, избор на судии кои ќе расчистат со твојот криминал…

Во Владата зад која ќе застане ДУИ, Гвујо, нема да има место за твојата Фамилија. А што ќе правиш ти? Мислиш дека ќе вадиш народ на улици против „албанската предавничка соросидна“ власт? Не би ти советувал тоа да го правиш. Ако ме слушаш мене, најдобро е уште за Божик да се качиш во авионот на Самсоненко и неповратно да одлеташ во еден правец. Облечи се топло, зима е. Може и да врне снег кога ќе слетате на Шереметјево.

Поврзани новости