Кирил ЕФРЕМОВСКИ
Верувам малкумина го знаат патот на политичката кариера на новиот технички премиер, младиот пробиштипец Емил Димитиревски. Очигледно и затоа ваквиот избор на Никола Груевски беше изненадување за многумина, но не и за повеќето во партијата, а осбено за „старите вмровци“ во ДПМНЕ.
Во овој обид да се портретира идниот технички премиер со ограничен рок на употреба, без разлика кога и формално да седне во премиерската фотеља, мора да тргнеме од неговите родни Долни Стубол и Пробиштип, каде Емил Димитриев почна да ја гради својата кариера во ВМРО-ДПМНЕ. Доколку ги прашате неговите сограѓани и сопартијци, повеќето од нив со сигурност ќе ви речат дека Емил Димитриев никогаш не бил прав вмровец иако има членска книшка со постар датум, всушност нешто што е одлика и за повеќето од раководството на сегашното ВМРО-ДПМНЕ.
Започнувајќи ја својата политичка кариера најнапред како претседател на пробиштипската унија на млади вмровци на ДПМНЕ, во својот матичен комитет, Димитриев набрзо се наметнал како исклучително авторитетен и влијателен кај младите, со што ги стекнал симпатиите на тогашното локално раковоство на партијата. Повеќето од неговите партиски колеги го опишуваат како ненаметлив и интригантен младич кој секогаш вешто се повлекувал од внатерпартиските дискусии за идеолошки и историски теми мошне присутни во тоа време во партијата. Тие за него велат и дека со големата упорност и работливост се обидувал да го прекрие големото его и потребата да прави сплетки и интриги со сопартијците. Благодарение и на партискиот ангажман подоцна кога догаѓа во Скопје, Димитриев набрзо станува претседател на Советот на станари во студенскиот дом Стив Наумов, и во најголем дел од тука започнува формирањето на неговиот скопски социјален круг, кој подоцна ќе го однесе во повисоките позиции во партијата.
УЛОГАТА ВО ПАНОРАМСКИТЕ СЛУЧУВАЊА
Вториот дел од неговото „скопско“ етаблирање во извесен дел се должи и на поранешниот пратеник од Демократската Алтернатива на Тупуровски, пробиштипецот Чедо Петров. Многумина од старите локални членови на ВМРО-ДПМНЕ и по повеќе од 15 години се уште забележуваат дека Димитриев во тој период од 1999 до 2001, работел повеќе за Чедо Петров, одошто за неговата партија и за Љубчо, како што велат, по што партијата во тој регион претрпела порази. Во таа насока се толкуваат и големите несогласувања со партиското раководство кое Димитриев ги имал во периодот додека во ВМРО-ДПМНЕ силна позиција и влијание имаше Доста Димовска, поради што во повеќе наврати бил дистанциран од тогашното партиско раководство.
Подоцна, во времето кога се одвиваа настаните поврзани со фамозаната „скопска Панорама“, а како партиски делегат на Конгесот, Димитриев заедно со неколкумина други делегати одигрува клучна улога во обезбедувањето на позицијата на Никола Груевски за партиски лидер, а понатамошниот развој на тие настани е познат на сите. Ваквото негово позиционирање и одиграна улога, со додадената вредност од блиското пријателство со Влатко Ѓорчев и одредени ликови од фамозното штипско лоби, на Димитриев му обезбедува голем кредит кај Никола Гуевски и неговите најблиски соработници, кој кредит подоцна му овозможува брза и успешна кариера во високата партиска и државна политика.
Во својата кариера Димитриев брои повеќе високи позиции и функции, одошто вистинско и реално работно искуство, едноставно неговите сограѓани одсекогаш го сметаат за некаков функционер, но никогаш сериозно не се запрашале како новиот технички премиер доаѓал до тие функционерски места.
Сметајки го за особено доверлив и лојален, а за да ги задоволи и неговите исклучително големи амбиции, Никола Груевски само дополнително го бетонираше тој свој однос со Димитирев, поставувајќи го за генерален секретар на партијата во 2013 година и покрај тоа што веќе вршеше заменик-министерска функција. Во јавноста одреден период имаше повеќе шпекулации дека Димитриев е еден од повеќето во ДПМНЕ кои својата лојалност и послушност дополнително мораат да ја гарантираат и со девет цифрени банкарски меници, но се чини дека депонираната политичка меница која Емил Димитриев ја има дадено за партијата, а особено за партискиот лидер Груевски е потпишана бланко.
ЛОЈАЛЕН И РАБОТЛИВ, НО БЕЗ ДЛАБОКИ ПОЛИТИЧКИ ПОЗНАВАЊА
Доколку ги прашате неговите стари сопартијци, добри познавачи на неговиот карактер и кариера, тие недвосмислено ќе ви кажат дека новиот техички премиер, никогаш не бил солиден ученик и студент, не поседува длабоки политички познавања, не е особен интелектуалец, но тој е лојален, работлив и особено интуитивен, а за во политиките игри и комбинаторики е врвен „сплеткарош“. И токму таа негова изразена интуиција и политичка перцепција му овозможи на овој тивок конвенционален десничар и верник, а пасиониран ловџија од Долни Стубол, да се наметне како еден од најлојалните соработници на Никола Груевски, секогаш избирајќи ја вистинската страна на интересот.
Без разлика кога формално ќе ја презеде премиерската фотеља, а и покрај тоа што неговата позиција и мандат ќе бидат прилично ограничени, согласно пржинскиот договор, сепак новиот најмоќен човек во државата макар и на 100 дена, во најголем дел само ќе претставува нов извршител на плановите на Никола Груевски и по многу нешта ќе биде неговата нова сенка. Македонската јавност ќе го гледа ликот и делото на Емил Димитриев на јавната сцена, всушност вид на нова фасада зад која и понатаму ќе стојат идеите и политиките на Никола Груевски, кои технички премиер само ќе ги извршува. Сето тоа само дополнително ќе го зголеми неговиот внатерпартиски габарит и влијание, нешто што во овој период на ВМРО-ДПМНЕ, а особено лично на Груевски им е особено значајно да го има, бидејќи новите предизците и следот на негативниот развој на настаните за него, се очекува наскоро да започнат.