Професорскиот пленум со реакција до Дојчин Цветановски

by Фокус

Од Професорскиот пленум преку соопштение му реплицираа на Дојчин Цветановски, според кого Пленумите немале легитимитет да преговараат со Владата за новиот Закон за високо образование. Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Господинот Дојчин Цветановски, во изјава дадена за вестите на МРТВ на 23 мај 2015, се обиде да ја убеди јавноста дека Пленумите немаат легитимитет да преговараат со Владата за новиот Закон за високото образование на Република Македонија.

Го потсетуваме господинот Цветановски дека власта во секоја демократска држава има обврска да разговара и преговара со сите засегнати страни (stakeholders) и со стручната јавност, а не само со правни лица. Нашата расправа е граѓанска и стручна, а не синдикална. Ова, секако, не ја исклучува можноста Професорскиот пленум (ПП) да се регистрира и како синдикат кој ги обединува вработените на сите институции кои на сајтот на ПП ги објавија своите негативни извештаи по повод јануарските измени и дополнувања на Законот за високото образование.

Со појавувањето на граѓанскиот собир свикан од најголемата опозициска партија, според нашето видување на работите, Студентскиот пленум (СП) имаше за цел да ја покаже недовербата во постоечките институции. Говорот одржан во име на СП јасно укажа на принципиелна воздржаност кон сите партиски врхушки, вклучително и таа на опозицијата. Членовите на Професорскиот пленум се придружуваат кон оваа принципиелна позиција на СП.

И покрај обидот за дискредитација и делегитимација на пленумите на активистот на ГДОМ Цветановски, ПП остануваат свесни за легитимитетот што произлегува директно од сувереноста на неговиот статус на движење на засегнати граѓани и стручна јавност.

24.05.2015

Срдечно,
Професорски пленум
#ПоздравПленумци

Поврзани новости