Професорскиот пленум денеска испрати писмо до Тибор Наврачич, европски комесар за образование, култура, млади и спорт, и Јоханес Хан, европски комесар за проширување на ЕУ, со кое ги повикуваат да упатат повик до македонската влада да ги повлече предложените законски измени за високото образование и да започне нова, широка и транспарентна дебата со учество на сите субјекти вклучени во образовниот процес.
„Најновите законски измени, кои, според најавите на владините претставници, треба да го реформираат високото образование во Македонија „според европските текови“, всушност значат големо отстапување од Агендата за модернизација на високото образование, ги напуштаат принципите на Болоњскиот процес и сериозно навлегуваат во автономијата на универзитетот. Тие се кулминација на апсурдните и недемократски осмислени мерки што власта во последните неколку години му ги наметнува на високото образование и покажуваат отсуство на визија и на осмислена и конзистентна национална политика во областа на високото образование. Пакетот закони кои се веќе во фаза на усвојување во Собранието се подготвени на целосно нетранспарентен начин, со кршење на законската процедура, барање за изјаснување во бесмислено куси рокови, без јавна дебата и без учество на академската и на стручната заедница, студентите и другите субјекти вклучени во образовниот процес“, стои во обраќањето.