Земји што се грижат за својата иднина, се грижат за образованието. Врвните универзитети во светот не се само познати по програмите по кои работат, но и по независноста, инвентивноста и креативноста, како синоним за слобода. Тие имаат строги критериуми и не функционираат со прогледување низ прсти.
Студентите што завршиле такви универзитети не остануваат без работа, зашто тие не влегле и не студирале таму случајно, а со намера и цел и со однапред испланирана иднина. Зашто таму не може секој да студира, а уште помалку да предава и зашто системот е така создаден – слободно и независно да го селектира најдоброто. Заради престижноста, но и заради улогата на тие универзитети, како двигатели на напредокот на општествата.
ГУСКИ ВО МАГЛА
Кога заминав во Холандија, бев на врвот од кариерата, со завршен факултет и две деца. Не можев да седам дома. Почнав да правам палачинки за школски приредби, па ме „унапредија“ во компјутер-тренер за четиригодишни деца. За неколку месеци работев училишни претстави. По две години запишав курс за истражувачко новинарство, што го документирав со приказна за емигранти.
Паралелно со сите овие активности добив диплома за холандски јазик, како втор мајчин јазик. За четири години престој во Холандија, колку што траат студиите овде, стигнав таму каде што бев пред тоа, но во нов правец! Не зашто бев многу умна, туку затоа што системот е направен да функционира за луѓето да можат да учат, напредуваат и да се пронајдат и реализираат себеси и да се чувствуваат корисни во општеството, па дури и ако не се повеќе млади и надежни!
Кај нас се студира зашто „треба да се има факултет“, а не зашто таков кадар ѝ е неопходен на земјата. Затоа по дипломирањето младите се како гуски во магла. Што навистина знаат и можат по четири години учење и постидипломски, и дали ѝ се потребни на државата – се клучни прашања кои треба да ги одговориме, ако сакаме да отвориме перспектива.
Ме фаќа страв при помислата дека во мала земја како нашава, непосредно одговорните ниту ги познаваат човечките ресурси и нивниот потенцијал, ниту, пак, имаат јасна визија и план какви кадри ни требаат!? И дали воопшто ги интересира тоа! Прашање е и дали некој некогаш овде работел стратешки, тимски, долго и исцрпно за заеднички интерес.
ПРЕПИШАНИ РЕФОРМИ
Досегашните експерименти што власта револуционерно ги спроведе во образованието, направија само додатен хаос. Бирократските (препишани) реформи згазија врз професорската слобода, совест, одговорност и креативност. Контролата и униформирањето на образовните процеси направија шалтерски работник од професорот.
Кој е тој силник (ревизор) што се осмелува да надгледува професор по филозофија, анатомија, актерска игра, физика или математика? Кој е тој умислен бог што ќе ги вреднува и тура на кантар професорските способности, се прашувам? И какви студенти очекуваме од вакви реформи? Колку навистина тие ќе се образоваат од професори и наставници, потчинети со принуда и страв?
Кога универзитетот ја губи автономијата, тој почнува да умира. А со тоа умираат и прогресот, креативноста и слободата. Со него умираат и стратегиите, целите и плановите за иднината на земјата. Личноста на професорот, како движечка сила на универзитетот, треба да е над сите политики. Тој е истражувач, научник, мислител, индивидуалец, критичар, тој што предизвикува, предупредува, анализира, советува, со еден збор – совест на општеството.
Но, пред сѐ, тој е учител што ќе треба да го извади најдоброто од своите студенти за доброто на сите други, за целото општество. Очигледно моите размислувања за образованието се разликуваат со оние на власта. Зашто навистина не знам кој е тој што може да му забрани на професорот да застане пред своите студенти и да им каже со чиста совест – зборовите и идеите, сепак, можат да го променат светот!