Професорот од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, против кого има пријава за сексуално вознемирување ученичка е суспендиран, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
– Државниот просветен инспекторат постапува. Пријавен е во полицијата – истакна Јаневска.
На 9. овој месец во 17.30 часот, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 52-годишен маж од Скопје, наставник во средно училиште на подрачјето на Центар, постапувајќи по претходна пријава дека во периодот од 25.2.2026 до 2.3.2026 вознемирувал 18-годишна ученичка и барал од неа да имаат полови односи. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава – информираа од МВР.
Судија на претходна постапка одреди мерки на претпазливост – одземање патна исправа, забрана за определени работни активности поврзани со кривичното дело и забрана за приближување на професорот од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, кој е осомничен за кривично дело сексуално вознемирување врз своја ученичка, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.