На денешниот промотивен настан, граѓанската платформа „Независни заедно“ официјално ја објави кандидатурата на деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Горан Марковски, за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори.
Професорот Марковски на неговото обраќање се претстави како независен кандидат, со јасна визија за модерен и хуман град, управуван со стручност и интегритет.
„Скопје е во агонија. Му е потребна визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град кој ќе им служи на граѓаните, а не на тесни интереси,“ истакна Марковски.
Во своето излагање, тој посочи дека Скопје денес се соочува со сериозни предизвици – загаденост, урбан хаос и изгубен идентитет, и нагласи дека потребни се нови решенија кои ќе донесат надеж, особено за младите.
„Го започнувам овој пат од Камениот мост – симболот на поврзување и заедништво. Убеден сум дека со широка граѓанска поддршка можеме да изградиме град кој ќе биде вистински европски дом, место на кое ќе се гордеат сите скопјани,“ додаде тој.
Од „Независни заедно“ порачаа дека професор Марковски е личност со докажан професионален интегритет и долгогодишно искуство, кој зад себе има голем број реализирани проекти и генерации воспитани инженери. „Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот,“ велат од платформата.