Европа но и целиот свет утрово беше шокирани по страшниот земјотрес во Турција и Сирија кој однесе повеќе од 3.000 човечки животи, а над 15.000 се повредени.
Спасувачките екипи се на терен, трагајќи по исчезнатите под урнатините на делови од Турција и Сирија, а голем дел од државите се солидаризираа испраќајќи своја помош до погодените области.
Професорката Роберта Апостолска од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, за „Фокус“ даде своја анализа околу овој трагичен настан, осврнувајќи се и на земјотресите кои во минатото ја погодиле Македонија.
„Серијата на последните случени земјотреси во Турција и Сирија е резултат на активноста на Источно-Анадолскиот расед. Сеизмичкиот ризик кој се јавува како последица на сеизмичкиот хазард зависи од многу фактори: дали објектите се сеизмички проектирани т.е. дали се отпорни на земјотреси, дали се квалитетно градени, какво е тлото на кое објектите се изградени, која е густината на населението, колку истите се далеку од сеизмичките раседи и сл.
Локацијата во Турција, каде се случи серијата на земјотреси се карактеризира со висок сеизмички хазард, (поголем од 0.3g). Ваквиот сеизмички хазард во корелација со високиот сеизмички ризик поради горенаведените причини, за огромна жал, доведе до повеќе од 2500 мртви, преку 12000 повредени и срушени околу 3000 згради, со тенденција на постојано раснење на бројките. Големиот број на афтершокови со магнитуда над 5 степени по Рихтер уште повеќе го зголемува ризикот и ги отежнува спасувачките операции“, вели Апостолска.
При вакви природни непогоди, во врска со земјотресите најчесто се поставува прашањето: кога и каде?, но за жал, некои работи едноставно не можат да се предвидат.
„Денешните научни сознанија даваат точна информација во врска со локациите каде можат да се јават земјотреси и со колкав интензитет (изразени преку различни метрики), во форма на карти на сеизмички хазард. За жал, нема релеватни и издржани истражувања кои би укажале на кога може да се случи еден земјотрес. Зошто, останува науката да се обиде во иднина да даде одговор на ова прашање“, смета таа.
Што се однесува до Македонија, таа се наоѓа во појас со висока сеизмичност, но низа работи придонесуваат за нејзино намалување.
„Во Македонија се случил еден од најсилните земјотреси во Европа, во Пехчевско-Кресненскиот регион, со магнитуда 7.8 во 1904г.. Во однос на големината на земјотресите кои можат да се случат во нашата земја, во рамките на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија -ИЗИИС, Скопје,неодамна се изработени карти на сеизмички хазард кои се базираат на современите научни сознанија и истите се дел од Националниот Анекс на Еврокод 8 – современ европски пропис за проектирање на сеизмички отпорни конструкции.
Се прашуваме колку се сигурни нашите градби. Како резултат на скопскиот земјотрес од 1963г., во нашата земја, уште од далечната 1964г., се применуваат сеизмички прописи при проектирањето на градбите, прописи кои постојано евалуираат и ги следат современите сознанија во земјотресното инженерство. Ова, во спрега со регулираните системски решенија во процесот на проектирање и градење, контролата на квалитетот на градежните материјали и контролата на изведбата, кои се вршат од релеватни институции, меѓу кои се вбројува и ИЗИИС, придонесува за постојано следење и намалување на сеизмичкиот ризик во нашата земја“, го заврши разговорот таа.
Јорданчо Цветаноски