Опозициската ВМРО-ДПМНЕ даде коректна понуда до Владата за набавка на поевтини енергенси, особено за време на ваква криза кога се уште немаме официјален договор за набавка на гас, јаглен, мазут и струја, и досега во нормални држави веќе ќе се разгледуваше овој предлог тргајќи ја надвор политиката и ставајќи го пред се интересот на граѓаните и компаниите, вели за „Фокус“ професорот Константин Димитров.
-Она што го гледам е политичка борба за преживување од страна на власта, недоволна грижа за граќаните и за фирмите како и недоволна волја за дијалог, туку непристојно префрлање на топката во министерството за економија околу понудата на Мицковски, а сепак времето тече и познато е дека цените на пазарот на енергенси варираат од ден во ден, така што можеби и оваа понуда ќе ја пропуштиме, додава тој.
Според Димитров сведоци сме дека токму поради енергенсите храната стана прескапа, не само во земјава туку и во светот и никој не знае како ова ќе заврши, иако сериозните држави, за разлика од нас веќе имаат обезбедено резерви додека Македонија нема ниту еден официјален договор ниту со Грција за јагленот, ниту со Турција и Србија за гасот.
-Не чека тешка зима, оние кои имаат заштеда веќе купија дрва, бидејќи не знаеме ниту дали ќе има парно, истото важи за и за големиот број на граѓани кои немаат ваков приклучок. Голем број граѓани ако немаат струја ќе немаат ниту вода бидејќи пумпите нема да работат, па веќе имаат план за евакуација во куќа или слично. Но што правиме со граѓаните кои ги немаат овие можности, а знаеме дека веќе владее сиромаштија, коментира Димитров.
Според него преговорите за енергенси требале да почнат уште пред две години, бидејќи за сето тоа е потребна стратегија, но кај нас приоритет е профитот не само на одредени компании, туку и на поединци и тоа е и една од причините што на пример процедурата на фотоволтаиците е комплицирана, бидејќи на тој начин би се приклучиле поголем број граѓани а државата ќе трпи загуби на ДДВ-то во сметките.
Неколку дена преку медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, упатува покана до премиерот и министрите за средба.
Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи не ја прифатија поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за средба во партискиот штаб, на која тој најави дека ќе им го претстави неговиот концепт „за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места“.
Премиерот Ковачевски вчера, му порача на Мицкоски дека оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се пребродат само доколку „сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните и дека не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби, туку е време за работа, за заедништво и за креирање на политики за добробит на сите граѓани“.
– Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи, изјави Ковачевски.
Премиерот потенцира дека економските политики се креираат институционално во Владата, на Економскиот совет и со учество на сите засегнати страни и одлуките, пак, се носат на владини комисии и седница, а не на партиски штабови и со помош на партиски структури. Тој додаде дека на последниот Економски совет, во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од оваа партија не се појавил на седницата.
– Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет, кој ќе се одржи оваа среда, во 12 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат, истакна премиерот Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, во петокот од собраниска говорница го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно да ги соопшти контактите за набавка на поевтини енергенси и да каже за кои компании се работи, за какви понуди и по кои цени или ако не сака тоа да го стори, да ги достави до Министерството за економија в понеделник, а тој потоа лично, како што рече, ќе ги објави и ќе ги однесе во АД ЕСМ.
Соња Танеска