Проектантот на мостот „Беласица“ смета дека штетата од пожарот е сериозна

by Fokus

Проектантот на мостот „Беласица”  што води од трговскиот центар „Ист Гејт“ до Железничката станица во Скопје Вукан Њагуљ за новинската агенција „МИА“ вели дека обемот на оштетувања на мостот е многу поголем отколку што претпоставувал врз основа на достапните фотографии. Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не биле видливи на фотографиите онолку колку што навистина се.

Њагуљ е познато име во проектирањето и градбата на мостови на овие простори. Тој беше дел од тимот што го проектираше познатиот Крчки мост што го поврзува копното близу Риека со островот Крк.

Тој во организација на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени изминатите два дена престојуваше во Скопје за да изврши увид во состојбата на мостот. Њагуљ порачува дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки.

„Кога бев на мостот добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток. Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. Го слушав интервјуто на професорот Марковски кој рече дека во Македонија не располагате со опрема за сето она што треба да се испита. Но како и да е, тоа мора да се направи и дури тогаш може да се даде проценка за моменталната состојба на мостот, изјави Њагуљ.

Тој нагласува дека не станува збор за обични оштетувања како што се корозија или пукнатини, туку за сосема друг тип на оштетување и затоа се потребни прецизни претпоставки за квалитетот на материјалите на мостот.

„Секоја проценка сега, без тие податоци е просто невозможна. И не само тоа, туку мора да се направат и пресметки врз основа на кои ќе се види состојбата на конструкцијата. Секако, во тие пресметки треба да се влезе со што е можно попрецизни претпоставки за квалитетот на материјалите кои треба да произлезат од испитувањата што мора претходно да се направат. Дури потоа може да се каже сега треба да се продолжи со ова или со она“, вели Нагуљ.

Тој смета дека постои можност за оштетување на продолжените кабли во главните носачи.

„Не оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата“, објаснува Њагуљ.

Во однос на проблемот со сообраќајот кој настана по затворањето на мостот, тој посочува дека има решение, но додава дека е тешко изводливо.

„Мое лично мислење е дека некој вид на контролиран пешачки сообраќај можеби може да се дозволи. Но, врз основа на моето искуство при вакви слични случаи, сметам дека дозволувањето на некаков редуциран патнички сообраќај со себе носи одреден ризик. На крај да заклучам. Според мене мора да се направат сите потребни истражувања и пресметки пред да се донесе било каква одлука. Мостот може да има и доволна сигурност според некои критериуми, но тоа може да биде тема за дискусија дури откако ќе се направат испитувањата’, порачува Њагуљ.

Поврзани новости