Медведев: Русија ќе мора да изврши превентивен напад, ако Западот ѝ даде нуклеарно оружје на Украина

by Fokus

Димитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација изјави дека Русија ќе мора да изврши превентивен напад ако Западот ѝ даде нуклеарно оружје на Украина.

Медведев при посетата на Виетнам пред новинарите изјави  дека не е исклучено во сегашната ситуација дека западните земји „ќе му дадат на режимот на Киев доволно авиони“, а згора на тоа, може да му обезбедат и нуклеарно оружје.

„Тоа значи дека ракета со нуклеарен полнеж ќе стигне до нив. Постојат неповратни закони на војна. Ако се работи за нуклеарно оружје, ќе биде неопходно да се изврши превентивен напад“, рече тој, пренесува РИА Новости.

Според него, Англосаксонците не се целосно свесни за тоа и веруваат дека тоа нема да се случи.

Медведев оцени и дека Европа „полудела“, дека постојано ја разгорува ситуацијата со своите одлуки, додека САД тргнуваат од прагматични интереси и се обидуваат да го „уништат вековниот непријател“.

„Европа полуде. САД како целина дејствуваат во согласност со своите прагматични интереси. Тие самите не се борат, туку заработуваат пари. Се обидуваат да го уништат вековниот непријател. Што се однесува до Европа, тие постојано ја вжештуваат и разгоруваат ситуацијата со своите одлуки“, изјави Медведев, на прес конференција.

Медведев, исто така, рече дека пристојниот човек во тешки времиња мора да живее во својата земја и да ги почитува условите во кои се наоѓа земјата во моментов.

Претходно ги нарече предавници Русите кои ја напуштија земјата и порача дека треба да се сметаат за непријатели на општеството и државата.

Поврзани новости