Осомничената се товари дека во текот на 2017 и 2018 година, со умисла извршила временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Притоа, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и околности, неовластено кај себе држела, преработувала и продавала наркотична дрога марихуана и хашиш смола.
На 29.09.2017 година во с. Ракотинци, Скопје, при извршен претрес од страна на овластени службени лица на СВР Скопје, кај осомничената се пронајдени и одземени: една полиетиленска кесичка со нето 27.46 грама марихуана, два шприца со наркотична дрога хашиш смола со вкупен волумен од 9мм, три шприца со остатоци од наркотична дрога хашиш смола, една дигитална вага со остатоци од марихуана, две шишиња со вкупен волумен од 2060 мл и една пластична туба со етил алкохол органски растворувач, наменети за преработка на наркотична дрога.
На 05.07.2018 во близина на Канцеларијата за врски на Р. Грција во Скопје, од страна на полициски службеници било извршено легитимирање на осомничената и кај неа биле пронајдени два шприца со остатоци од наркотична дрога хашиш смола, а еден шприц со волумен од 2мл со наркотична дрога хашиш смола е пронајден кај сведок на кого што обвинетата му го продала за 3.000 денари.
На 08.10.2018 година, на ул. „Мите Богоевски” во Скопје кај осомничената биле пронајдени: полиетиленски пакувања со опојна дрога – марихуана помешана со тутун со нето маса од 30.15 грама, една полиетиленска кесичка со наркотична дрога марихуана со нето маса од 7.62 грама, четири шприца со вкупен волумен од 39.7 мл наркотична дрога хашиш смола,една тегла со семки од растението Cannabis со нето маса од 0.42гр, две пластични чаши со хашиш масло со волумен од 12 мл, две дигитални ваги со остатоци од непозната материја, еден мал вентилатор, два електрични блендери, еден топломер, едно грејно тело марка „ИЦМ”, 19 празни шприцови, 12 стерилни медицински капи, еден електричен тајмер, пластични чаши, стаклени епрувети и една пластична туба со налепница „Етанол” кои сите биле наменети за производство, а потоа и за продажба на наркотична дрога.
Во Република Македонија, согласно чл.215 ст.1 од Кривичниот законик, казниво е неовластеното производство, преработка, продажба или нудење на продажба, како и заради продажба купување, држење, пренесување или посредување во продажба или купување или на друг начин неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Заедно со Обвинителниот акт, ценејќи дека се уште постојат законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави и Предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за осомничената.