Продолжува процедурата за разрешување на Катица Јанева

by fokus

Во собраниска процедура од денеска се очекува да влезе извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Новоизбраниот претседател на Советот, Ацо Колевски потврди дека уште во четвртокот до законодавниот дом бил испратен извештајот дека се исполнети условите за почнување постапка за разрешување на Јанева.

Според собраниската процедура, претседателот на собраниската Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски, треба да закаже седница на која ќе се одлучува за разрешувањето на Јанева.

По разгледувањето на извештајот, Комисијата за избори и именувања најверојатно на Собранието ќе му предложи разрешување на Јанева, по што треба да се закаже пленарна собраниска седница, а ако овој предлог биде прифатен и од Собранието, Советот на јавни обвинители ќе треба само да ја потврди таа одлука.

Предлогот за разрешување на Јанева следи откако стана осомничена во истрагата за случајот „Рекет“, а заврши и во притвор за злоупотреба на службената положба и овластување.

Во меѓувреме сѐ уште траат дискусиите за тоа дали Советот на јавни обвинители има право да именува в.д. специјален обвинител.

Поврзани новости