Продолжува објаснувачкиот скрининг за првиот кластер во Брисел

by fokus

Експертските тимови од Северна Македонија и Албанија и оваа недела се во Брисел каде што продолжуваат да слушаат за ЕУ законодавството во областите содржани во првиот кластер за преговорите со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Објаснувачкиот скрининг започна на крајот на минатата недела со поглавјата „Јавни набавки“ и „Статистика“, кои се дел од првиот кластер познат како „Темели“. Ова е кластерот кој ги содржи и клучните поглавја за правда, судство и темелни права.

Експертските тимови и оваа недела се во Брисел каде продолжуваат да слушаат за ажурираното законодавство на ЕУ во останатите поглавја од првиот кластер. Денеска денот е посветен на реформата на јавната администрација. До крајот на неделата на дневен ред ќе бидат и економските критериуми, финансиската контрола, и правосудството и темелните права, како и поглавјето „Правда, слобода и безбедност“.

Овој процес на објаснувачки скрининг треба да трае до ноември. Во овој дел од процесот тимовите се запознаваат со новитетите во законодавството на ЕУ во сите поглавја од преговарачкиот процес, и имаат прилика да поставуваат прашања до нивните колеги од Европската Комисија кои го водат скринингот.

Откако ќе заврши објаснувачкиот скрининг, македонските и албанските тимови ќе бидат издвоени и секој ќе го почне билатералниот скрининг. Билатералниот скрининг е процес во кој земјата преговарач треба да покаже и докаже до каде е во процесот на транспозиција на законодавството на ЕУ во домашното. Овој процес треба да трае најмалку до втората половина на идната година, со тесен надзор од Европската Комисија и земјите членки на ЕУ.

Само по завршувањето на билатералниот скрининг и по уставните измени за внесување на Бугарите, Северна Македонија ќе може и формално да почне да преговара кластер по кластер за членство во ЕУ.

Поврзани новости