Прдеж

by Fokus

Однесувањето на ДПМНЕ за националните прашања ме потсетува на прдеж. Гласен е, веројатно ќе ве засрами, но нема да има ама баш никаков ефект, по мало проветрување, по завршена прес-конференција

 Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Секој има гасови. И децата и возрасните. И мажите и, колку и да кријат, и жените. Имаше некаде по градскиве ѕидини супер смешна парола „и жените прдат“. Е сега, испуштањето гасови може да биде тивко, а може да биде и гласно.

Тивкото испуштање на гасови е пувеж. Иако тивко, прави доста штета, многу мириса и носи непријатности. Прдежот од друга страна е гласен, сите ќе го чујат, ама пак не мириса или, народски кажано, не врши работа.

Е токму на прдеж ме потсеќа однесувањето на „најмакедонската“ партија ДПМНЕ поврзано со сите антидржавни процеси преземени од власта. Многу прес-конференции, вербални етикетирања, посочувања предавници, никогаш северна дрн дрн, но ефект малтене никаков. И не е првпат ДПМНЕ да не може да се одлучи меѓу улогите на риба или на девојка.

ОПОЗИЦИСКО ЛУДИЛО

За целиот период додека СДСМ распродаваше ама баш СЀ што може да се распродаде од државни интереси, ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, не презема ништо што би ја спречило власта да влече, ајде да бидам благ, погрешни потези.

Кога се склучи договорот од Преспа, со кој државава од Македонија стана Северна вукојебина, ДПМНЕ не го спречи тоа, иако имаше четириесетина пратеници, но и над сто илјади членови, кои НЕ ги извади на улица.

Секоја власт двапати би размислила доколку голема опозициска партија како ДПМНЕ извади 150.000 луѓе на улица, блокира улици, институции и слично. ДПМНЕ, во нивни препознатлив стил, држеа прес-конференции. И толку.

Идентично однесување имавме и при склучувањето на договорот со Бугарија, дебилно наречен добрососедски. Не само што не беа опозиција, туку суптилно го поддржуваа, немаа храброст на Бојко во очи да му кажат да се носи во мајчината, и освен бенигни прес-конференции, повторно не видовме значаен отпор.

Дури по четири години, на ДПМНЕ им текна дека договорот е лош и сега се собираат потписи за референдум, за кој сите однапред знаеме дека нема да биде успешен. Жално, но ДПМНЕ има историјат на глумење опозициско лудило.

ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА

Се сеќаваме на кампањата што ДПМНЕ ја водеше против коалицијата СДСМ-ДУИ во 2002 година за без никаков проблем и самите да коалицираат десетина години. ДПМНЕ малтене и дојде на власт поради лошата етничка територијална поделба.

Но, откако дојдоа и се задржаа на власт подолго од деценија, не сторија ништо да ја сменат територијалната поделба, иако едно време имаа и двотретинско мнозинство.

Историјата се повторува и сега. ДПМНЕ собира потписи за референдум, за кој знае дека нема да успее. Невозможно е да успее референдум што нема поддршка од една од двете најголеми партии, згора на тоа и целосно бојкотиран од албанската етничка заедница.

Сето ова им е одлично познато на најмакедонците од ДПМНЕ, но референдумот не е за да успее, туку за да не успее, а ДПМНЕ, исто како и периодот 2002-2008, да има алиби и да билда рејтинг.

Згора на тоа, иницијативата е пуштена без злокобната додавка Северна, за што знаат дека ќе биде отфрлено, ама важно ќе пеат „никогаш Северна“. Тоа што платата им поминува под Северна, помалку битно.

Затоа однесувањето на ДПМНЕ во однос на националните прашања ме потсетува на прдеж. Гласен е, веројатно ќе ве засрами, но нема да има ама баш никаков ефект по мало проветрување, по завршена прес-конференција!

Поврзани новости