Продолжи расправата за Кацарска: Таа е единствен судија осуден од Уставен суд каде што ја бираме за судија

by fokus

И денешното продолжение од собраниската расправа за изборот на Добрила Кацарска за судија во Уставниот Суд помина во најголем дел со дискусии на пратениците од опозцијата, според кои, таа не го заслужува местото за кое се предлага. Таа, според нив, ниту е стручна, ниту соодветна да биде Уставен судија, и неа токму овој Суд и укина одлука бидејќи „не ги знае Уставот и законите“.

Ова место, беше посочено во дискусиите, го добива како награда за послушноста кон власта за многу судски пресуди, меѓудругите, и за оние кога се менуваше Уставот за промена на уставното име на државата.

На нивните ставови реплицираа пратениците од партиите на власт, кои посочија дека најмалку ВМРО-ДПМНЕ има право да говори за независно судство затоа што во време на нивното владеење тоа било донесено до најниското можно ниво. Јавноста, посочија пратениците од власта, многу добро виде колку беше независно судството во времето на владеење на сегашната опозиција, но и да чуе за судиите од министерските тефречиња и за нарачување пресуди по желба.

Пратеникот од Левица Димитар Апасиев, истакна дека во моментов во земјава има најслаб персонален состав на Уставниот суд откако постои уставното судство од 1963 година.

Тој забележа што претседателот на Судскиот совет, Кире Здравев не го образложил предлогот Кацарска да биде уставен судија, дали имало и други кандидати или како што рече, и таа била избрана од некои тефтерчиња.

-Наместо кредибилитет на уставните судии гледаме ликови кои гледаат да и угодат на власта, а не личности кои имаат сила и знаење да и се спротивстават. Таа е единствен судија осуден од Уставниот суд каде што ја бираме за уставен судија и наместо да биде разрешена за тоа, таа е номинирана за оваа функција, рече Апасиев.

Симптоматично е за овој кандидат, потенцира тој, е што „таа треба кривично да биде гонета по падот на овој хибриден режим затоа што шуруваше со власта и ги штимаше нарачаните пресуди и решенија за притвор при промена на уставното име на државата“.

Недавањето образложение за предлогот Кацарска да биде уставен судија според пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, е навреда за Собранието. Моделот по кој се бираат судиите, рече таа, мора да се менува и тоа да се прави преку интервјуирање и присуство на стручни лица, а не со дигање рака во Собранието.

Пратеничката Снежана Калевска Ванчевска од СДСМ рече дека пратениците со вакви паушални квалификации и обвинувања фрлаат дамка на целиот судски совет и на целиот правосуден систем.

– Сега говорите тука дека не била стручна кандидатката да ја обавува функцијата уставен судија. Со ова се сомневате во стручноста и квалитетите на луѓето кои седат во Судскиот совет, чиј предлог е Кацарска, чии членови да не заборавиме две третини ги избираат самите судии на непосредни избори. Со ова фрлате темна дамка на целиот правосуден систем и на сите судии во оваа наша држава, истакна Ванчевска.

Кацарска за уставен судија ја предложи Судскиот совет, на крајот на септември. Таа треба да дојде на местото на судијата Владимир Стојановски, чиј мандат е истечен.

 

Поврзани новости