Нашите граѓани кои редовно ги минуваат празниците и викендите во соседна Грција, сепак ќе можат да поминат продолжен викенд за време на престојниот празник Духовден, на втори јуни, бидејќи најавениот штрајк на грчките царински служби прекинува точно пред празникот.
Според МВР, од вечерва во наредните 24 часа ќе биде во прекин сообраќајот кон сите три гранични премини од Македонија кон Грција.
На граничниот премин на Стар Дојран, од вечерва од 21 часот, до утре до 21 часот ќе бидат пропуштани само пешаци.
На Граничниот премин Богородица од вечерва, односно од 00,00 часот на 01.06 до истото време на 02.06 целосно ќе биде во прекин сообраќајот со ТМВ, додека пак за време на 24 часовниот штрајк автобускиот и патниот сообраќај ќе функционира со прекини (60 минути блокада и 15 минути пропуштање на возила).
Исто така целосно во прекин ќе биде сообраќајот на Граничниот премин Меџитлија, освен за патници кои пеш ќе ја минуваат границата, а во периодот од 00,00 часот на 01.06. до истото време на 02.06.
Македонците се најредовните турис ти во Грција, посебно за време на празници и продолжени викенди. За време на Велигден, Илинден, Денот на трудот и други празници споени со викенд, се случува да се чека и по пет – шест часа за влез во Грција.
Вики Клинчарова