Пишува Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ
За правдата конечно да влезе во македонскиот правен систем, СДСМ предлага генерален реизбор на судиите. Сосема прифатливо, според мене. Таквата “генералка” е потребна за да се испочитуваат препораките наведени во извештајот на пензионираниот директор на Европската Комисија, Рајнхард Прибе, каде меѓу неколкуте клучни точки што ја оддалечуваат Македонија од демократска држава е токму отсуството на правна држава, поради постоечките мафијашко – коруптивни спреги на партијата која беше на власт и судството.
Но, во извештајот на Прибе никаде експлицитно не се препорачува генерален реизбор на судиите, туку само се констатира дека досегашните препораки и реформи не се спроведени, судиите и обвинителите покажале подложност на политички влијанија и начинот на избор на членови во Советот на обвинители е проблематичен.
Конечно, потезите на најголем дел од судиите и обвинителите од бомбите наваму, од различниот аршин за ОЈО и СЈО, обиди да се спасат сите осомничени од СЈО, со условните казни за насилниците во Собрание како јаготка на шлагот, само потврдија дека реформи не се можни без генерално чистење во фелата.
ОПЕРАЦИЈА ЗА ОКУПАЦИЈА
Покрај судството и обвинителството, во истиот извештај беа наведени уште 4 клучни сфери како најпроблематични за функционирање на државата како демократска: следењето на комуникациите, надворешниот надзор од независни тела, медиуми и избори.
Медиумската сфера во изминатата деценија беше под тешка окупација, можеби најтешко погодена во походот за ставање на чизма врз се што требаше да влезе во служба на партијата на власт, поради опсесијата на Груевски со својата појавност и креирање на посакуваната слика за себе и неговите “дела”.
Добро осмислената операција се одвиваше на неколку нивоа, со повеќе инструменти:
- Обид за промена на уредничките тимови во независните медиуми преку условување со владини реклами и притисоци
- Уцена и условување на сопствениците на најгледаните телевизии со други бизниси во семејните империи и кривични пријави
- Масовна корупција со владини реклами за одржување на послушноста
- Купување на медиумите каде со методот на корупција тие не биле успешно поставени на “прав пат”
- Тужби, судски процеси и затвор за медиумите каде ниту еден од наведените методи не можел успешно да се примени.
Паралелно со процесот на окупација на медиумите, се одвиваше и операцијата на справување со новинарите како носители на дејноста. Преку исто така добро осмислена стратегија, партијата на власт се обиде да ги корумпира и “преобрати” затекнатите новинари, да ги отстрани тие што не успеа да ги корумпира и да инсталира “свежи” проверени кадри. Оваа операција, исто така, се одвиваше на повеќе нивоа:
- Корупција на новинарите во освоените медиуми со функции
- Корупција на послушните новинари преку отворање нивни интернет сајтови (“сестрински” сајтови во ланецот на “Курир”) каде “патронот” обезбедува и реклами од државните институции и “пријателски” компании, како и хонорарен ангажман во тие “сестрински” медиуми за останатите во армијата на пропагандата
- Недостапност за коментар и одговори од официјалните лица и институции за новинарите оценети како “непријателски”
- Игнорирање на неподобните новинари на поканите за гостување во емисија или интервју, во обид да се им се наметне имиџ како на нерелевантни
- Притисок врз сопственици на медиуми каде е воспоставена контрола да ги избркаат сите новинари кои не се по вкус на власта
Во вака опсежно спроведената операција, борбата на професионалците за медиумите беше изгубена, но не и борбата за професијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги таргетираше токму највлијателните медиуми чија гледаност/читаност беше наследство на новинарите ставени на отстрел.
Потоа, во телевизиите на пример, таа наследена гледаност се пумпаше не со информативните содржини, туку со турски серии и програма купувана со милионите јавни пари со кои владата ги корумпираше).
За среќа и во тие околности, новинарите верни на јавниот интерес опстојаа иако надвор од своите “матични” средини, губеа работа, менуваа медиуми, работеа за многу помали примања, беа жртви на монтирани судски процеси, односно беа втерани во ќош, но не престанаа да работат за јавниот интерес, да го бранат членот 16 од Уставот кој им гарантира на граѓаните право да бидат информирани (наместо дезинформирани) и конечно, да го бранат сопственото достоинство и углед стекнат во професијата.
Има и многу кадри за восхит кој во изминатата тешка деценија по демократијата, кои практично ја почнаа кариерата во таквата проблематична атмосфера и со своите истражувачки стории оставија печат врз сведоштвата за работата на власта против јавниот интерес. Не беше лесно да се пишува за криминали на моќници кои буквално управуваа и го контролираа секој сегмент од живеењето, соочувањето со тужби, судски процеси и разни други форми на притисоци.
КАКО ДО ВРАЌАЊЕТО НА ДОВЕРБАТА?
Но, што правиме сега со сите окупирани медиуми и корумпирани извршители во нив? Да не заборавиме дека како во секој сегмент на окупација под чизмата на ДПМНЕ, во високото образование, во судството, кај лекарската фела и сл., инсталираните кадри по правило беа луѓе без интегритет, кои со сопственото знаење и потенцијал во демократски услови каде компетенцијата е предност, не успеале да напредуваат според амбициите. Сега тие ги држат “раководните” позиции во заробениот државен апарат, судство и медиуми. А интегритетот и компетенциите се р’бетниот столб на секоја институција и општествена сфера.
Не чувме од СДСМ како планира да го исполни препораките од Извештајот на Прибе конкретно во медиумите. На пример, првата препорака вели дека “сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок без мешање и закани. Медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и политичките партии”.
Кристално е јасно дека имплементацијата на препораките на Прибе едноставно не е можна со постојните окупирани медиуми и кадри во нив. Да се очекува дека инсталираните кадри во медиумите на пропагандата ќе станат професионални, е рамно на очекувањата дека Зврлевски и “сваровски” судиите ќе почнат да делат правда.
Уште попоразително е однесувањето на не кои медиуми со нагла промена на уредувачката политика каде пропагандните содржини во кои се демонизираше опозицијата, сега се променети со додворувачки интервјуа и медиумски простор за, до скоро, сатанизираните личности. Тоа јасно кажува дека тие сега се во обид да го задоволат новиот газда во лик на партија на власт, но никогаш нема да научат да работат во корист на вистинскиот “сопственик”, публиката.
Во окупирана Македонија не беше можно по институционален пат да се задржат медиумите во професионални рамки, односно Агенцијата за медиуми да им одземе концесија на оние кои не работат за јавниот интерес, но сега доаѓа време каде ревизијата на нивната работа е клучен услов во потребните процеси за демократизирање на општеството.
РЕВИЗИЈА НА КОНЦЕСИИТЕ
Мора да се потенцира дека медиумите, без оглед дали сопственици се приватни компании, воопшто немаат права и обврски како другите приватни фирми. Нивната дејност е од јавен интерес. Слично како и банките и приватните болници на пример, не може производот да зависи од вољата и потребите на сопственикот.
Да ви нарача сопственикот да известувате во корист на партија која му дала/дава бизнис или друга привилегија, е како сопственик на болница да ви нарача да го убиете пациентот при операција затоа што бил да речеме љубовник на неговата сопруга. Или, сопственик на банка да си земе колку сака пари за одредена негова инвестиција. Не, тие се приватни компании кои решиле да се занимаваат со дејности од општ и јавен интерес и мора да го почитуваат.
Оттука, ако Агенцијата за медиуми “мижеше” пред бруталното миење мозоци со пропагандата каде јавниот интерес беше целосно маргинализиран, сега е време за промени. Потребна е ревизија на работата на медиумите и нивните дозволи за работа. Сите кај кои е детектирано дека работеле наместо за јавниот интерес, во интерес на политички или бизнис моќници, не смее повеќе да зрачат или да се печатат. Како што се затвора банка кога гувернерот ќе утврди дека не располагала со туѓите пари во интерес на штедачите.
Само со нови, неизвалкани медиуми, ќе може одново да се гради довербата на граѓаните во медиумите и нивното право да бидат информирани наместо манипулирани. Сето друго (како што е нова емисија со наслов “Само вистина”), е лоша шминка која нема да даде никаков позитивен ефект по демократијата.
Паралелно со тоа, потребна е темелно справување со корупцијата како клучен инструмент за контрола на ДПМНЕ врз медиумите. Покрај корупција на ниво на медиум (владините реклами), така и корупција поединечно кај кадрите во тие медиуми. Тоа на пример, би подразбирало проверка на изворот на финансирање на сите интернет-сајтови зад кои постои сомневање дека стоела власта, односно ДПМНЕ за да се утврди дали тие служеле како интрумент на корупција на новинари кои работеле спротивно на јавниот интерес, а во корист на власта?
Засега, истрагите “Тревник” и “Тифани” содржат индиции не само за корупција и тесни врски на луѓе од новинарската фела со власта, туку и за друг вид криминал, а тие требало непристрасно да ја информираат јавноста и да ја соопштуваат вистината. Очекувањата се дека СЈО ќе ги провери и останатите телефонски разговори каде има индиции за сторено дело корупција, каде не одговара само тој што корумпирал туку и оној кој се корумпирал. Ова е особено важно за медиумите затоа што велам, се работи за дејност од јавен интерес.
Без таков процес на суштинско “прочистување”, препораките на Прибе ќе останат обична тоалет хартија, што би рекол осомничениот Илија Димовски, еден од клучните луѓе во операцијата на ДПМНЕ за окупација на медиумите.
На крај, за враќање на медиумите кон нормалноста и исполнување на нивната суштинска функција, работа во корист на јавниот интерес, ќе биде потребен и процес на враќање/усовршување на вештините да се дојде до релевантни и важни информации за јавноста. Тоа подразбира да се потсетиме како се подготвуваме за прес – конференција, како се пренесуваат информациите од прес конференција (новинарот е должен да ги истражи сите аспекти важни за јавноста, а не само да пренесе тоа што е соопштено на прес / конференција), како се поставуваат прашања, како се истражуваат податоци и да се адресираат вистинските и суштинските прашања до одговорните лица чии одлуки влијаат врз интересот на граѓаните.
Накусо, да се потсетиме/научиме што е професионално информирање. Веќе нема изговор за слабостите во сопствената фела, а кои не се поврзани со корупцијата и вазалското (дез)информирање поради притисоци.