Пробиена уиграната шема за притисок врз гласачите на изборниот ден

by Fokus

Текстот е објавен на 28 февруари 2014 година во неделникот „Фокус“.

Битката за власт не избира средства. Од изборни манипулации до поткуп на гласачи, партиите деноноќно работат со полна пареа за да ја зачуваат власта во свои раце. Ваква беше сликата пред две години на предвремените парламентарни избори во Црна Гора, каде што владејачката партија, на чело со шесткратниот лидер Мило Ѓукановиќ, ги искористи сите можни државни ресурси за да владее и во наредните четири години.

Демократската партија на социјалистите ја задржа власта, но само неколку месеци подоцна пукна аферата „Снимка“, која на површина ja извади целата валкана долна облека што се подготвувала пред изборите, кои се одржаа на 14 октомври 2012 година. Аферата се распламти откако весникот „Дан“ ги објави сите аудиоснимки од седниците на партијата на власт. На речиси сите тонски парчиња можеа да се слушнат разработените шеми ‒ како да се добијат изборите.

Ако и сега го отворите нивниот веб-портал, ќе ги пронајдете поставените тонски парчиња, на кои наголемо се кројат планови како да се наместат конкурсите за партиски вработувања, на друга снимка се разработува шемата за поткуп на гласачите. Се игра со суми од 30 евра пред изборите и уште 30 по изборите за сите што ќе излезат и ќе го дадат својот глас за владејачкото мнозинство. Во ваквите шеми не куртулија ниту вработените во јавната администрација. Тие добија налог да обезбедат по четири гласа за владејачката партија ако сакаат да го задржат работното место.

Шемите се пробиени од револтиран владин човек, кој не добил ништо од матичната партија, па сите снимки ги даде во рацете на опозиционерите. Оваа афера ја крена на нозе цела Црна Гора, стигна до Јавното обвинителство, кое по краток период заклучи дека нема причина за кривично гонење. Но, сепак, што е многу важно, не ги одмина вратите на Брисел. Според Европскиот парламент, аферите што ја тресат оваа земја имале големо влијание врз трасирањето на нејзиниот европски пат.

Додека ги читате воведниве реченици од овој текст, многумина од вас ќе се пронајдат, а, пак, многумина, претпоставувам, ќе се прават дека првпат слушнале за некаква си шема за местење избори. Дали ваквите изборни манипулации се кројат и во македонските политички кујни? Како се местат изборите и до која фаза се злоупотребуваат државните ресурси и се манипулираат граѓаните, само за да се задржи или, пак, да се добие премиерското или министерско столче?

ПИСМО ВО „ФОКУС“ – КАКО СЕ ПРИДОБИВААТ НЕОПРЕДЕЛЕНИТЕ?

Само еден месец пред редовните претседателски избори, а можеби и предвремените парламентарни избори, партиите ја почнаа својата битка за освојување на власта. Едните да ја добијат, другите да ја задржат. Секој на свој начин, секој со свои методи. Се нижат афери и од двете страни, се вадат документи со купени станови, сите сместени во една зграда, се редат партиски вработувања, се набројуваат скандали со тендерски зделки тешки милиони евра.

„Фокус“ во овој број истражуваше како изгледа една разработена шема за купување на гласачкото тело. Партиски активист, кој бил вклучен во изборните активности на локалните избори во 2013 година, сведочи во детали ‒ како изгледа изборниот ден. Тој испрати писмо во „Фокус“, револтиран бидејќи 14 години чека вработување. Редакцијата одлучи јавно да не го соопштува, ниту неговото име, ниту името на партијата, која не избира средства и методи да ја има власта во свои раце. Сепак, оставаме на вас да погодувате за која партија станува збор.

Што е уште поинтересно, истиот тој член повторно е ангажиран во сите предизборни активности, надевајќи се дека по изборите, можеби некој ќе се смилува и ќе го вработи.

Според информациите со кои располагаме, до сите членови на партијата биле испратени писма со задачи и обврски што треба да прават пред изборите. Нормално, со ветување дека вложениот труд ќе им се исплати. Револтираниот активист објаснува дека на дел од нив им било ветено вработување во јавната администрација, додека на дел им било потфрлено по некое денарче. Тоа се само неколку недели пред изборниот ден.

Општинските комитети испратиле писма до сите членови, особено до вработените, секојдневно да бидат присутни во комитетите и да учествуваат во дадените задачи. Плус, сите од нив заедно со семејствата, роднините и пријателите треба да присуствуваат на сите митинзи што ги организира партијата.

– Списокот со задолжителните дежурства за неколку недели пред изборите, сè уште не е комплетно пополнет. Тие што не се пријавиле, да поминат во месните комитети и да се запишат во еден од слободните термини. До изборниот ден, сите треба да бидат посветени само на тоа, за да не се киксне бидејќи мора да се добијат изборите – се наведува во испратеното писмо.

Првично, овој документ со задолженија стигнува во рацете на претседателите на општинските комитети, кои потоа го испорачуваат на своите членови. Од нив се бара на денот на изборите да убедат минимум тројца неопределени гласачи во избирачкото место во кое живеат да гласаат за таа партија.

– Треба да се напишат нивните имиња и да се достават до месните комитети. Секој ОК да направи база на личности кои ќе гласаат за партијата на следниот начин: име и презиме на членот на партијата, име, презиме и телефон на лицата што ги убедил (минимум 3 лица). Тој е одговорен овие три лица да излезат на денот на гласањето и да гласаат за нашиот кандидат – се наведува понатаму во писмото.

Во сабота, само на еден ден пред изборите, без разлика дали се локални, претседателски или парламентарни, штабовите работат со полна пареа. Една од партиите деноноќно ги подготвува сите можни варијанти за да ги „смачка“ противниците, за што не се избираат средства. Тие до таа мера се подготвени и организирани, што ни на најкреативниот ум нема да му текне што се подготвува за денот на изборите.

 

Izbori lokalni

ШТО СЕ СЛУЧУВА НА ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ?

Почнува изборниот ден. Во недела во 7 часот се отворени гласачките кутии низ целата земја. Членовите на партијата, чие име се договоривме дека нема да го споменуваме, се на своите „работни“ позиции, секој со своите ангажмани.

Според писмото со кое располагаме, сите партиски членови и симпатизери треба да излезат најдоцна до 10 часот и да гласаат. Откако ќе ја завршат својата обврска, тие се посветуваат на неопределените гласачи, кои, според информациите, мора да гласаат најдоцна до 12 часот. Ако сè оди според планот, тие на крајот праќаат СМС-порака до првите луѓе на месните комитети дека акцијата е успешно завршена.

Во писмото се наведува дека испратената порака треба да содржи: име и презиме на членот на партијата и реден број, како и имиња и презимиња на тројцата неопределени гласачи. Во писмото се наведува и пример како тоа би изгледало:

– На СМС-порака: Име и презиме на членот на партијата, ваш телефонски број. Потоа следуваат неопределените гласачи – 1. име и презиме 071 – xxx – xxx, 2. име и презиме 072 – xxx – xxx, 3, име и презиме 070 –xxx- xxx – се наведува во примерот во испратеното писмо до членовите.

„Фокус“ одлучи намерно да ги напише вака телефонските броеви, за комплетно да се долови изборната атмосфера. Веднаш потоа, првиот човек на месниот комитет ја препраќа пораката до аналитичкиот центар на ОК. Според информациите, во секој аналитички центар има по еден одговорен за внесување податоци. Внесувањето се прави само со штиклирање на името на членот (автоматски се штиклираат сите тројца), или со штиклирање на еден од тројцата. Кога ќе се штиклира членот, тој и неопределените се обојуваат со црвен маркер, додека останатото место останува бело. Тоа е во случај кога неопределените лица гласале.

Но, што презема партијата ако работите не одат според замислениот план? Веднаш, по 12 часот се подготвува нова акција. Од аналитичкиот центар се испраќа листа на членови, чии тројца гласачи не си ја завршиле обврската. Според писмото, тоа оди во следниот формат:

– име и презиме – член на партијата 2. име и презиме – не гласал 3.

име и презиме – не гласал. Претседателот на МК е должен да го побара телефонски членот и да го извести дека треба најдоцна до 13 часот да излезат двете неопределени лица кои не гласале – се наведува понатаму во писмото.

Доколку до 15 часот тие сè уште не ја извршиле својата граѓанска обврска, активист на партијата задолжително оди кај членот дома. Тој од него бара телефонски да се слушне со трите неопределени лица и од нив да побара до 16 часот да гласаат. Во меѓувреме, тие што не гласале, се контактираат од кол-центарот и се охрабруваат со разни ветувања да излезат и да го дадат својот глас.

Ако и овој план не успее, тогаш од ракав се вадат сите други „средства“ за успешно да заврши изборниот ден, нормално, во корист на партијата. Тука завршуваат телефонските повици. Кога часовникот ќе отчука 17 часот, ако неопределените гласачи и дотогаш не го извршиле своето граѓанско право, активист и член на партијата одат кај нив дома и ги убедуваат да излезат на гласање. Се користат различни методи, од ветувања за вработувања до давање одредена сума пари.

Според испратеното писмо, во 18 и во 18.30 часот повторно се контактираат од кол-центарот, за сигурно да се потврди дека гласачката обврска е завршена.

– Нашиот набљудувач на избирачкото место, на секои 10 минути добива по три имиња, по случаен избор, за кои има добиено порака од претседателот на МК дека гласале, за да провери дали е тоа точно. Тој е должен да ги запишува сите имиња и презимиња на тие што дошле да гласаат. Ако лицата повторно не излезат да гласаат, тогаш се повторува претходно опишаната процедура − се наведува во писмото.

Вака приближно се одвива „убедувањето“ на неопределените гласачи и „малтретирањето“ на членовите во текот на изборниот ден.

Но, сега да видиме каква е улогата на набљудувачите од истата партија? Тие се должни во временските интервали: 10; 12; 14; 17; и 18 часот, по СМС-порака на одговорното лице и на првиот човек на општинскиот комитет да им го достават вкупниот број на излезени гласачи од почетокот на отворањето на избирачкото место, од седум часот.

На пример: (број на избирачко место 2038 – вкупно 75 лица). Нивна задача е ваквата организациска структура да ја постават во секој месен комитет и во аналитичкиот центар. Според нив, потребно е да се обезбедат по 500 денари кредит за сите вплеткани во оваа мрежа.

Откако ќе се приближи крајот на изборниот ден, тогаш паниката го обзема партиското раководство, па тие во последен момент, пред да се затворат гласачките кутии, се расфрлаат со пари, од 50 до 100 евра за, додека одбројуваат последните минути до 19 часот, да ги купат гласачите.

ТИМ ОД ПАРТИЈАТА ГИ ПРОВЕРУВА ГРАЃАНИТЕ ЗА КОГО ГЛАСАЛЕ

Како што веќе стигнуваме до крајот на изборниот ден, притисоците сè повеќе се зголемуваат. Сите во партијата работат со „стотка на саат“. Секој потсекретар и координаторите од Извршниот комитет се должни да проверат дали е успешно извршена целата организациска структура за денот на изборите.

– Значи, кога гласачите влегуваат да гласаат, нашиот член треба да побара од членот на Избирачкиот одбор, кој се наоѓа пред избирачкиот список задолжително гласно да го прочита името и презимето на гласачот, кој во моментот се легитимира – се наведува во шемата на партијата.

Во целата приказна не се заборавени ниту коалициските партии. Тие, исто така, треба да достават списоци на членови и симпатизери кои ќе гласаат за партијата. Нормално, за таа, за која зборуваме во целиот текст. Истото правило важи и за припоените партии. Во секој ОК треба да има назначено посебно одговорно лице за овој дел од акцијата.

Исто така, во текот на целиот ден, претседателот на општинскиот комитет треба да определи тим од три до пет луѓе кои ќе бидат поставени пред секое избирачко место од 7 до 19 часот на денот на изборите. Тие треба да имаат обезбедено две до три возила за превоз на членовите и за неопределените гласачи.

Во ова истражување, главна тема беше како се прави шемата за гласање на два дена пред изборите? Но, мораме да се навратиме и на активностите на партиите еден месец претходно. Тука, сепак, голема улога играат и социјалните мрежи, каде што се води цела интернет-војна. Во последниот период може да се забележи зголемена активност на Фејсбук и на Твитер, и на опозицијата и на владејачката партија, кои на секој можен начин собираат гласови.

Во последните три години, доста актуелни беа аферите со списоците што ги објави А1 телевизија, каде што државната администрација требаше да обезбеди по 10 лица што ќе гласаат за владејачката партија. Аферата беше јавно обелоденета, а списоците беа доставени до Јавното обвинителство. Меѓутоа, државните институции не најдоа ништо спорно за кривично гонење и, нормално, го затворија случајот.

Една година подоцна, телевизија Алфа отвори нов скандал, во кој повторно беше вмешана владејачката партија. Тие открија списоци дека јавните градски фирми со отворените конкурси примиле и ќе примаат десетици лица, чии имиња и податоци се наведени на списоци напишани во партиски штабови и испратени до претпријатијата.

Репортерите на Алфа проверија многумина од кандидатите преку броевите во списокот. Сите потврдија дека се партиски членови и дека на некои од нив токму тогаш им бил првиот работен ден. Неколкумина, пак, од кандидатите признаа дека биле на интервју, или како што го нарекоа запознавање, во фирмата. Очекуваат да ги примат затоа што биле ставени на список од партијата.

И, по објавувањето на оваа афера, државните институции не најдоа причини за кривично гонење.

Предвремените парламентарни избори во 2011 година ги покажаа сите можни сценарија за добивање на изборите. Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, на „културен“ начин се објаснети изборните манипулации. Беа фатени гласачи како со мобилни телефони сликаат, за да имаат доказен материјал дека гласале за партијата, се потплаќаа и Ромите со по 500 денари од глас. И, тука не завршува сѐ.

Во извештајот на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР по изборите се наведува дека вработени во државни и во јавни институции биле заплашувани и им биле упатувани закани дека ќе ги изгубат работните места ако не ги исполнат таквите барања. Други обвинувања, пак, вклучија закани упатени кон граѓани, кои, ако не ја дале својата поддршка за одредени партии или кандидати, ќе го загубеле правото на пензија. Најголем дел од ваквите обвинувања беа поврзани со дејства на службени лица на државата и активисти што ѝ припаѓаат на главната владејачка партија.

Како што почнавме, така и ќе завршиме. Досега за речиси сите влади во Македонија постоеле сомнежи за изборни манипулации и измами, бугарски воз и поткуп на гласачи, но сето тоа поминува без никаква одговорност. Секое чудо за три дена.

Очигледно и во Македонија, и во Црна Гора, аферите поминуваат без да добијат конечен епилог. Дали тоа се случува затоа што институциите на системот се под директна палка на власта? А, таму кај што е власта, таму е и силата и моќта!

 

Универзални методи 
ВУЧИЌ ТЕРА ИНТЕРНЕТ-КАМПАЊА ЗА СОБИРАЊЕ ГЛАСОВИ

vucicПартијата Српска напредна странка во Србија, на чие чело е Александар Вучиќ, веќе еден месец води интернет-кампања за да собере поголем број гласачи за предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 16 март оваа година.

Од партијата на ваков чекор се одлучиле бидејќи преку два милиона гласачи секојдневно се приклучени на социјалните мрежи, па на тој начин очекуваат нивните секојдневни активности да имаат поголем ефект врз гласачите.

Пракса
ШТО Е БУГАРСКИ ВОЗ?

Бугарскиот воз е една од најчестите изборни измами. Постојат бројни документи на интернет за оваа модерна измама, која датира од крајот на минатиот век, но која била медиумски широко популаризирана на парламентарните избори во Бугарија во 2008 година, кога масовно се поткупувале гласачите од ромска припадност. Се смета дека околу 200 до 350 илјади гласови во Бугарија биле фабрикувани со помош на оваа генијална измамничка техника. Иако, оваа модерна измама води потекло од Бугарија, сепак таму е позната под името индијанска нишка.

За да се примени бугарскиот воз, потребно е да бидат претходно украдени бланко гласачки ливчиња. Во ливчето-локомотива, активистите на партијата што сака да ги добие изборите го заокружуваат името на својот кандидат. Така подготвеното ливче му се дава на првиот уценет партиски припадник. Потоа, тој заминува на гласачкото место, зема гласачко ливче од Изборната комисија и оди, божем, да гласа. Тој, всушност, оди да си го земе бланко-ливчето, а она пополнетото да го извади од џебот и да го стави во гласачката кутија. Она белото, што го украл, е првиот вагон од бугарскиот воз, а тој е должен да им го врати назад на менаџерите. Овие го заокружуваат нивниот кандидат, па така заокружено му го предаваат на друг купен гласач.

Тито Петковски
КАКО ВМРО-ДПМНЕ ГИ „КРАДЕ“ ИЗБОРИТЕ?

Тито Петковски, лидер на НСДП, вели дека партијата на власт до таа мера ја има усовршено стратегијата за добивање избори, што повеќе не избира средства.

– Значи, тие го имаат усовршено бугарскиот воз и тука им нема рамен. Исто така, сега се прават паралелни гласачки ливчиња. Тука е и масовното вработување под буџетот на државата, каде што досега има вработено над 170.000 луѓе. Тие, пак, се должни да обезбедат 10 до 15 неопределени гласачи, кои пред изборите им се главна цел. Во 2008 година, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ беа на семинар во Бугарија, баш со наслов „Како да се украдат избори“ – тврди Петковски.

Поврзани новости