Пробавте да скриете

by Fokus

За жал, за овој настан не ги слушнавме загрижените професионални борци за човекови права. Не го слушнавме владиниот акумулатор да бара оставки, како што бараше во 2011. Да не знаев подобро, ќе помислев дека тогаш протестирале за смена на власта, а не за правда за Нешкоски

Јанаки МИТРОВСКИ

Оваа парола, заедно со „ние не сме партија“, беше најкористена на протестите по повод убиството на Мартин Нешкоски, на денот од изборите во сè подалечната 2011 година, шести јуни. За жал, сличен настан се повтори пред некој ден, пред скопската летна дискотека „Привилиџ“, во која до смрт беше претепан хрватскиот ракометар Денис Тот, кој е на привремена печалба во Македонија.

И како дежа ву, коцките продолжија да се редат – пријавувањето доцни, а КАРИЛ излегува со соопштение – нема траги на насилство, ракометарот починал од срцев удар, за подоцна, сепак, да се испостави дека насилство и тоа како имало. Првичната проценка е дека кобно било внатрешното крвавење на мозокот, без да се соопшти за други придружни повреди, се претпоставува дека е од падот со задниот дел од главата на асфалтот.

НИ СЕ ПОВТОРУВА НЕШКОСКИ

Јас бев најмалку триесетина дена дел од секојдневните протести, кои следеа по обидот да се прикрие убиството на Мартин Нешкоски и не можам да се отарасам од чувството дека историјата пред нос ни се повторува. Се сеќавате дека и тогаш прво немало пријавен таков случај, па бил, читај добро, без траги на насилство, за веќе кога не можеше да се крие, сето тоа да се претвори во „случајот е решен за 24 часа“.

Случајот е решен за 24 часа слушнавме и од новинарка што сака да биде портпарол, на гости во утринска емисија кај новинар познат апологет на оваа владејачка гарнитура. Насилна смрт не претпоставиле, бидејќи немало видливи повреди. Сè е исто само Мартин го нема. За несреќа на тие што САКАА да скријат, протече видео од нападот на Денис Тот, каде што јасно се гледа брутално газење по лицето на веќе онесвестениот и можеби починат ракометар.

НАПАДОТ ВРЗ ТОТ

Не сум експерт по медицина, ниту трауматолог, но сите сме свесни дека од таков ќотек е невозможно да останете без видливи траги. Партиите почнаа да се препукуваат чија била дискотеката, што правело обезбедувањето, со кој се сликале осомничените и слични партиски бљувотини. За волја на вистината, видеото не е целосно, односно почнува токму со нападот врз Тот, па лишени сме од тоа да видиме, што и дали нешто воопшто му претходело на нападот.

По мое мислење, базирано исклучиво на видеоснимката, која не е со најдобар квалитет, без да ги имам на увид исказите од сведоците, осомничените и слично, сметам дека момчето што прв ги задава ударите, треба да одговара за тешка телесна повреда со смртни последици, бидејќи по зададените удари престанува, па дури и ја трга девојката да не го удира. За другите двајца и ОСОБЕНО за едвај полнолетното девојче, квалификацијата си е на место. Во моментот кога газиш некој, кој лежи во бессознание, говориме за убиство.

За жал, за овој настан не ги слушнавме загрижените професионални борци за човекови права. Не го слушнавме владиниот акумулатор да бара оставки, како што бараше во 2011. Да не знаев подобро, ќе помислев дека тогаш протестирале за смена на власта, а не за правда за Нешкоски. Бидејќи јасно ни е, ПРОБАВТЕ ДА СКРИЕТЕ!!!

Поврзани новости