Мултидисциплинарната експертска комисија меѓу Бугарија и Македонија ќе им предложи на владите на двете земји заедничко одбележување на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј и на Григор Прличев, соопштија по дведновните разговори во Софија копретседателите на комисијата од бугарска и од македонска страна Ангел Димитров и Драги Георгиев, пренесува БТА.
-Со нашите колеги од Република Македонија се согласивме од научна гледна точка да оправдаме зошто нашите две влади треба да продолжат да го слават заеднички Денот на светите браќа Кирил и Методиј, објасни претседателот од бугарска страна Ангел Димитров, по третото заседание на заедничката комисија.
Постигната е согласност и да се предложи во двете држави да биде почитуван и одбележан Григор Прличев, човек со исклучителни заслуги за културниот и општествениот развој.
– Направивме сериозни напори да ги доближиме позициите околу интерпретацијата на средновековната историја и особено на личноста на Цар Самоил. Разговорите беа долготрајни и сериозни, професионално коректни, тешко доаѓаме до заедничка позиција, но не сме кренале раце, вели Димитров.
Тој посочи дека тешко се надминуваат тези кои биле утврдувани со десетлетија и оти општеството тешко ги прима таквите промени.
– Ние треба да направиме чекори кои ќе ги убедат општествата и во двете земји за користа од таквите промени. Останувам со надежта дека ќе продолжиме и натаму и оти резултатите ќе бидат задоволителни, вели Димитров.
Според него, многу е важно да се утврдат настаните и личностите чие заедничко одбележување ќе придонесе за зближувањето на двете држави, за зголемување на довербата и соработката.
Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја во Скопје, кој е копретседател на Комисијата од страна на Република Македонија, рече дека на средбата во Софија имало позитивна атмосфера и желба за соработка.
– Задоволен сум од средбата и се враќам со позитивна енергија во Република Македонија, кажа Ѓоргиев.
И двете страни ги имаат изготвено своите забелешки во однос на учебниците од основното образование и тоа ќе биде тема на наредните средби на комисијата.