Најкористено дело според Законот за авторско право и сродни права за 2022 година е песната ,,Признавам” во изведба на сестрите Маријана и Росана, објави Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП.
На листата со најкористени домашни дела во 2022 година, каде на врвот е ,,Признавам” со текст и музика на Тоде Новачевски, се најдоа и Лозано со ,,Километри” на второто место според слушаност, потоа следуваат ,,Бестрага” на Брејк, ,,Жена како ти” на Лозано, ,,Сите мои слики” на Ареа, ,,Јако, јако” на Лозано, ,,Само тоа го можеш ти” на Димитар Андоновски, ,,Дали ме сакаш” на Калиопи и ,,Мандарина” на Лозано на десетто место.
Антологискиот дует ,,Признавам” кој го напиша композиторот Новачевски,а за прв пат беше изведен од Маријана и Росана во 1989 година на ,,Макфест” е песна која трае повеќе од три децении.
Голем број на музичари ја имаат во својот репертоар и често ја изведуваат за време на свои настапи.
Освен овој евергрин, авторот Новачевски зад себе остави голем број на хитови кои ги отпеаа Маријана, неговата поранешна сопруга и нејзината сестра Росана.
,,Свири ми брате цигане”, ,,Ако не исчезнам”, ,,Верувај ми”, музиката за серијата ,,Трст виа Скопје” и многу други безвременски ноти останаа зад него.
Тој почина по тешко боледување во февруари минатата година во Австралија, каде живееше подолг период.
Вики Клинчарова