Привршува истрагата против Лидија Димова-наскоро одлука за обвинение

by fokus

Истрагата против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова е при крај и наскоро се очекува Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да донесе одлука дали против нејзе и другите осомничени ќе биде покренато обвинение.

-Се анализира прибраниот доказен материјал и информациите од средбите со претставниците на ОЛАФ, воедно се преземаат дејствија за прибирање на дополнителни докази и податоци што произлегоа како потреба во текот на постапката. Се очекува до крајот на рокот предвиден за истрага да биде донесена јавнообвинителска одлука со која јавноста навремено ќе биде информирана, велат од Обвинителството за „Фокус“.

Истрагата за Димова трае речиси година и пол и се уште нема обвинение откако обвинителот побара дополнителни шест месеци за да продолжи да истражува.

Димова беше разрешена и против нејзе беше отворена истрага откако беше обелоденето дека во изминативе три години Националната агенција доделила грантови од програмата „Еразмус 2“ во износ од 270 илјади евра на фризерница. Сопственикот истовремено бил и надворешен експерт во Националната агенција, а беше објавено и дека во благајната на Агенцијата недостасуваат 15 илјади евра.

Веднаш по објавеното истражување цел државен врв, на чело со премиерот Зоран Заев, Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров повикаа случајот да се истражи и да се открие дали се точни обвинувањата за злоупотреба на европските пари. Иако не беше докажан криминалот, власта побара Управниот одбор да ја разреши Димова повикувајќи се на етичкиот кодекс.

Судијата ѝ ги одзеде двата пасоши, ѝ наложи повремено да се јавува во судот и ѝ изрече забрана за вршење на одредени дејности. Неделникот „Фокус“ во ноември, минатата година објави дека Димова не се сомничи само за засега недокажана проневера на пари во аферата „Фризерница“ туку се сомничи и за други злоупотреби.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости