Привилегии грабаме, од одговорност бегаме

by Фокус

Пишува: Ида ПРОТУЃЕР ВЕЉКОВИЌ

Обдукцискиот наод за причините за смртта на родилката од Нов Дојран со нејзиното бебе покажал дека ја задушиле анестезиолозите при погрешно интубирање. Наместо да му се израдува на животот, нероденото бебе кое ги имало сите шанси да се роди здраво и право, не вдиша воздух. Наместо да му се израдува на чедото кое го чекала девет месеци мечтаејќи за миговите кога ќе го земе во прегратка, Маја Кадиева не ги отвори очите.

Две невини души беа убиени од македонскиот здравствен систем. Велам од здравствениот систем, а не лекарите, затоа што некој на анестезиолозите им дозволил да доаѓаат пијани на работа. Дали од пијанство, дали од нестручност, мафтале лево – десно со тубусот и погодувале погрешни органи, си играле со туѓи животи, бог знае дали од алкохол или од нестручност.

Толку партиски лекари со инстант дипломи партиите на власт напикаа во здравството, што таа дилема ќе остане. И сега следува она што во целост ја разоткрива аномалијата на системот во кој ние живееме кој се отсликува со неморал и неодговорност.

Министерот за здравство, веројатно во пауза меѓу партиските преговори во кои се обидува да се избори новиот министер за полиција да има само “техничка” улога, побарал од лекарската комора да им ги одземе лиценците на двајцата анестезиолози.

Тој не поднесува оставка што сме на добар пат смртта од лекарска грешка во Македонија да е почеста одошто да се умре од болест, туку бара да им се одземела лиценцата на лекарите од Комората врз која тој не би требало да има надлежност, но и тоа како има за раководствата, персоналот и опремата во болниците.

Комората вели дека ќе му ја удоволат желбата, само чекаат официјална потврда, да го затворат актот со “пусулче”, како што е редот. Директорот на гевгелиската болница за “Утрински” изјавил дека од него не била побарана оставка и нема да поднесе затоа што вината била лоцирана кај двајцата лекари?!? Не, појма нема што е морална одговорност што пијани лекари му се шетаат по болница и убија две невини души, тој си чека ако партијата пресече дека треба да замине.

Веројатно ако “Утрински” успеал да добие изјава од лекарите и тие ќе се правдале и скраја било одговорност да почувствувале. Мака некоја ги натерала

ете да пијат на работно место во работно време, а опремата била стара, но скраја било јавно да се пожалат, па да треба да се скусува од пари за некој споменик.

Значи во земјава сите сакаат привилегии, но никој не прифаќа одговорност. Човештината е сосема заменета со “дил ориентед” философија, по принцип ти мене работно место, јас тебе гласови на избори, јас тебе директор на болница, ти мене наместени тендери за да не мора некој “наш” да живее како мечка во пештера. Јас тебе пари за реклами, ти ќе мижиш за смртните случаи по болниците, но ќе го овековечиш како грандиозен потфат ловот на лебарки и заспани доктори во ноќните часови.

Оваа низа на погрешно насадени односи каде единствено што недостасува е етика и професионализам може да се шири до бескрај. А кога таквиот погрешно насаден систем ќе даде жртви, што веќе не се бројат на прсти, одговорот е “не сум јас” или “бриго моја преѓи на другога”? Море марш таму, за вас Катица Јанева е преблага казна.

За вас е казна да го почувствувате на своја кожа системот што го востоличивте од “преродена” Македонија. Децата да ви одат во училиште без греење, но да немаат скапи и топли облеки, туку онакви какви што можат да се купат со просечна плата.

За јадење да имаат онолку колку што во месечната кошничка предвидува дека е доволно Државниот завод за статистика. Децата студенти да ви учат во дом каде лебарките се дел од менито, а ако кровот не им се урне врз глава, да се среќни.

Да ги ползувате услугите токму на лекарите што ги вработивте и опремата каква што имаше гевгелиската болница, ни помалку, ни повеќе. Да живеете сиромашни и во очај, а да гледате на телевизија дека е тоа толку прекрасно и убаво.

За власта која промовира извитоперени вредности, Маја Кадиева е само лош ден во владиниот ПР. Нешто што гебелс – пропагандата лесно го решава, со убави вести во низа. Така, директорот на гевгелиската болница Сретко Јованов ја израдува јавноста дека од понеделникот почнале со работа 24 лекари, гинеколози, анестезиолози со веќе потпишани договори и монтиран нов апарат за анестезија.

Чекај, нели десетта година тераме преродба? Зарем во овие десет години во кои се издигнаа стотици споменици, галии, палми со тушеви, барок или неокласицизам зданија, мостови, инсталации од жални врби, немало пари за нормален апарат за анестезија во гевгелиската болница? Маја Кадиева и нејзиното неродено бебе не се веќе вест. Тие и како да не се случиле. Вие луѓе-нелуѓе од власта не сте за преговарачка маса. Вие сте право за во лудница.

Поврзани новости