Судиите и судските административци од Судот за прекршоци кои беа приведени во полициската акција „Јустиција“ примиле цела плата за последниот месец, иако тие имаат забрана за појавување во просториите на судот. Но, не само последната плата, тие ќе имаат можност да ги земат сите плати и придонеси додека трае истрагата и судскиот процес, до конечната судска одлука.
Во судот потврдуваат дека тие и натаму се третираат како активни судии, само што имаат забрана за пристап на работа. Затоа ништо нема да се промени во однос на платите.
А целата работа може и да потрае. Адвокатите вклучени во предметот се жалат дека по првичното приведување и отворањето истрага, јавното обвинителство не презело ништо повеќе. Ниту се сослушани сведоци, ниту се презентирани докази, ниту се отворeни спорните судски предмети за кои ги товарат дека намерно ги сокривале и ги пријавувале како решени, иако нивниот рок за извршување изминувал без тие да се реализираат.
Истрагата е забавена затоа што предметот е обемен, има премногу материјали, пред сѐ докази на хартија, но и затоа што човечките ресурси на обвинителството се ограничени, а не се исклучува како причина и пренатрупаноста на обвинителите со предмети. А тие се безбројни затоа што обвинителството ја презеде законската обврска според Законот за кривична постапка да биде главен истражител во кривичните дела, што практично им го зголеми обемот на обврски.
И додека „исклучените“ девет судии се дома во исчекување дека истрагата ќе напредува и ќе се соочат со судски процес, нивните замени, нови седум судии седнаа во испразнетие канцеларии. Нив ги делегираше Судскиот совет, а претходно работеле низ неколку судови низ државата. Но тие реално овие месеци нема да судат затоа што Судот за прекрошоци паузира. Имено, до 15 –ти декември ќе се поставува компјутерскиот систем во кој е неопходно да се внесат сите предмети.
Низ судските кругови се коментира дека некои од седумтемина делегирани судии се експерти, но во други области, како стопанско или кривично право, но сега ќе мораат да постапуваат во прекршочни предмети. Барем додека не се вратат суспендираните, ако не им се утврди вина. Ако им се утврди, тогаш сѐ е во игра.