Од 61 лице кои синоќа се приведени во Скопје, 60 биле малолетници кои по полноќ се затекнати во ноќен клуб и тие се предадени на родителите, соопштија од МВР.
Едно лице е приведено поради напад на службено лице при вршење работи на безбедноста.
Акцијата на СВР Скопје е една од контролите што вчера ги спровела полицијата. Во периодот од полноќ до 4 часот наутро, сите сектори за внатрешни работи спровеле акциска контрола за присуство на малолетници во угостителски објекти, како и точење и продавање на алкохол на малолетници, во вкупно 267 угостителски објекти на 26 локации.
„Во рамки на контролата на подрачјето на СВР Тетово откриено е едно кривично дело казниво по чл. 215 од Кривичниот законик, при што кај едно лице е пронајдена и одземена ќеса со бела прашкаста материја. Лицето е лишено од слобода и против него ќе следува соодветен поднесок.
На подрачјето на СВР Скопје приведени се 61 лице, од кои 60 малолетници, кои по полноќ се затекнати во ноќен клуб и тие се предадени на родителите, а едно лице поради напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, по чл.383 од Кривичниот законик“, соопштија од МВР.