Тридецениското девастирање оневозможува да се создаде здраво ткиво во длабоко метастазираното општество, во кое џганот има битна и одлучувачка улога во креирањето на системот и вредносните критериуми.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
„Гласната тишина“ во Македонија не е само оксиморон, ниту фраза за немоќ, а најмалку заговор на молчење. Таа е во директна врска со традиционалните крилатици „Што ти е гајле“, „Тури му пепел“, „Уживај“. Спојување различни и спротивставени поими и отстапки како избор, кои секогаш се во полза на своја штета!
Во изминатите три децении, перманентна интенција е, наместо независна и самостојна, да се создава приватна држава. Во процесот синхронизирано учествуваат политичари, белосветски мешетари, мафијашки групировки и теренски пиони на партиски војници.
Изгласаниот од народот, победнички клан ги узурпира законодавната, извршната и судската власт, го суспендира уставниот поредок и ги колабира институциите.
Приватната држава е во функција на владеење на десетина моќни и влијателни фамилии и монополисти. Бидејќи приватноста ја исклучува потребата за владеење на правен систем, пајташите во власта работите ги решаваат на приватна „чашка муабет”.
РЕЗЕРВАТ НА „НАШИ ДЕЦА“
Прокламираното „Едно општество за сите“ се стори неуспешно и пропаднато, со идеолошка етнологика, која ја разнебити државата. Корупциската матрица целосно ги исфрли во аут националниот и јавен интерес. Тие се само вербална завеса и елемент на политикантска реторика, кои во пракса воопшто не постојат.
На прв поглед постои контрадикторност во врска со придавката „приватна“, кога се споредува таква фирма и „приватна држава“. Сопственикот на приватната фирма се грижи за неа, за вработените, квалитетот, приоритетите и води сметка за секој потрошен денар.
Кај „приватната држава“, сѐ е спротивно и наопаку. „Сопствениците“ ја доживуваат и ја третираат како плен, па колку повеќе зграпчат, се сметаат за поуспешни, поснаодливи и позначајни во хиерархијата на власта.
Таа е алергична од најдобрите, најуспешните и највредните, кои ги остава на милост и немилост на партиските „Салиериевци“. Во Македонија нема шанса за виреење на „Моцартовци“!
Државните институции и јавните претпријатија станаа резерват за „наши деца“, затоа што постои убедување дека е сосема нормално тие да се вработуваат во државни служби. Гласачите се помируваат со одлучувачките критериуми на партиски благослов и непотизам, па според овие мерила бараат помош за вработување на нивните деца.
Нелегитимното циркусантско разрешување на претседателката на Судскиот совет беше во функција да се потврди лојалноста кон газдите на територијата. Нема врска што во ниту еден ќитап не пишува дека таа мора да се смени поради необјавување писмо од амбасадор!
Сосема нормално беше и што деновиве, по партиски пазар, директор на скопска „Комунална хигиена“ се трансформира во директор на Клиниката за кардиологија. За укажаната доверба, тој отворено преку социјалните мрежи му се заблагодари на својот партиски лидер.
МАСОВНОТО ИСЕЛУВАЊЕ СТАНА БЕЛЕГ
Партократијата и непотизмот, во континуитет го уништуваат креативниот потенцијал. Масовното иселување и феноменот „одлив на мозоци“, во последните три децении стана препознатлив белег. Околу 700.000, претежно млади и образовани, ги напуштија родните огништа.
Поразителен е фактот што дури 83 отсто од нив не им веруваат на институциите поради системската корупција. Актуелната тајна ујдурма на власта со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-Д, чија цена ќе надмине две милијарди евра позајмени пари, веројатно ќе ја доведе Македонија до банкрот и до економска пропаст.
Тридецениското девастирање оневозможува да се создаде здраво ткиво во длабоко метастазираното општество, во кое џганот има битна и одлучувачка улога во креирањето на системот и вредносните критериуми.
Парадоксален е фактот што за три генерации родени од 1981 наваму, петтата генерација „миленијалци“, шестата „зед“ и најновата „алфа“, токму ваквиот полусвет се најголемите идоли, фаци и инфлуенсери.
Нефункционирањето на правна држава и одговорност не одат заедно, па функционерите можат да работат како сакаат и што им е ќеф, примерно, во службените простории да одржуваат партиски состаноци, играат кошарка или фудбал.
Ако наивно ги прашате како имаат исаф да го прават тоа, ќе ве гледаат со потсмев, дури и сожалување, како човече кое нема поим каде живее и во кое време-невреме.
Приватизираната држава, апашите пуздер ја направија. Ја убија во поим, а народот го саштисаа. Остана само надеж и „мудрост“ во „гласна тишина“ со молчење, незамерување и сеирџиство!