Откако вчера во истражниот затвор “Скопје” почина притвореник, заразен со корона вирус, до “Фокус” стигнуваат панични пораки од притвореници.
-Ве молиме помогнете. Во затворот има повеќемина заболени. Цимерите на починатиот се префрлени во други ќелии, ќе не заразат сите, ни пиша притвореник од затворот.
На нашето прашање, дали некој од останатите има симптоми, притвореникот вели:
“70% сме со температура и кашлање, никој не не прегледува. Покрај притворените има и осуденици на кои им остануваат 10, 20 или 30 дена до издржување на казната ама не ги пуштаат, вели нашиот соговорник.
Во текот на денот ни пишаа и други притвореници кои велат дека изразувале бунт со тоа што сите биле на нозе и тропале и кршеле по ќелиите, а за утре најавуваат и штрајк со глад.
Од затворските власти уверуваат дека се превземаат сите мерки за заштита, а повеќе детали најавуваат за утре или понеделник.
Притвореникот кој почина беше на возраст од 47 години, од Ресен. Тој зад решетки влегол на 8 март. Засега не е познато дали заразен влегол во притвор или се заразил внатре.
В.В.