Неколку студенти од Студентскиот пленум се контактирани и повикани на разговор од страна на МВР, информираа во доцните саати нивните колеги на фејсбук страната на Студентскиот пленум. Според наши информации, повикани се двајца студенти, а објаснувањето е за наводно учество во толпа на првиот протест организиран пред Владата, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев ја објави „бомбата“ за прикривањето на убиството на 21-годишното момче Мартин Нешковски.
Нашите извори, исто така, тврдат дека на еден од студентите му е одреден притвор, но се уште не се знае колку денови. Од надлежните институции досега нема официјална потврда.
Веднаш, откако во јавноста излезе информацијата дека студентите се повикани на информативен разговор, дел од нивните колеги веднаш реагираа со статуси и коментари на своите приватни фејсбук профили, а веста со брзина на светлината се рашири по социјалните мрежи.
Еве, што објави Студентскиот пленум на својот фејсбук профил:
АПЕЛИРАМЕ до сите оние кои се контактирани, или во иднина ќе бидат да го сторат следново:
1.Прашајте зошто сте повикани на разговор!
2.Понатаму не разговарајте со никого во полициските станици и бранете се со молчење, се додека не е присутен адвокат или правник со вас!
3. Не потпишувајте никакви изјави (што беше случај со средношколските протести минатиот месец) без претходно да бидат прочитани од лице кое го познава правото!!
„Фокус“ го побара портпаролот на МВР, Иво Котевски да ни објасни што се случува, но тој не одговараше на нашите телефонски повици.