Притвор за маж од Гевгелија кој ја претепал невенчаната сопруга

by fokus

Осумдневен притвор за лице од Гевгелија кое извршило семејно насилство врз жена со која бил во вонбрачна заедница и имаат две малолетни деца.

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против едно лице за кривично дело „телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1, како и кривично дело „неизвршување на судска одлука“ од член 377 став 5 од Кривичниот законик.

-Осомничениот, во раните утрински часови на 4 септември, кај споменикот „Сава Михајлов“, во центарот на Гевгелија, при вршење на семејно насилство, телесно повредил жена со која претходно живееле во вонбрачна заедница и со која имаат две малолетни деца. Додека оштетената заедно со една колешка се враќале од работа, осомничениот ги пресретнал, почнал да ѝ упатува вербални закани на оштетената, да ја турка и да ја удира по лицето. Потоа продолжил да ја удира по телото, ја фатил со рацете за вратот и ѝ ги свиткал рацете со што ѝ нанел телесни повреди – набиеници, информираат од ЈО.

Оттаму истакнуваат дека, на осомничениот, од 26 мај, со правосилно решение на Основен суд Гевгелија донесено во постапка за заштита на правата на оштетената – жртва на семејно насилство, му биле изречени повеќе привремени мерки за заштита од семејно насилство, меѓу кои забрана да ѝ се заканува на оштетената, забрана да ја малтретира, вознемирува, телефонира и контактира преку социјални мрежи и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри од живеалиштето на жртвата на семејно насилство. Меѓутоа, осомничениот не постапил по правосилната судска одлука.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија доставил предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Судијата го прифатил предлогот и му определил притвор во траење од осум дена.​​

Поврзани новости