На 20.12.2021 од страна на БЈБ – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции бил лишен од слобода А.Љ.(32) од Скопје, а на 21.12.2021 до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против него и А.Љ.(24) од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.1 од Кривичниот законик.
Имено, во текот на декември годинава, двете лица, со цел стекнување на противправна имотна корист, извршиле набавка на кокаин и хероин, која во својот дом во зависност од нарачката ја препакувале во помали количини за понатамошна препродажба на корисници на наркотични дроги, изјави портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
На 20.12.2021 по наредба од Судија на претходна постапка извршен е претрес на дом и други простории кај лицата, при што се пронајдени и одземени поголем износ на пари во различни валути, а при преглед на возило, кое го управувале, била пронајдена торба со ќеса со кокаин, две ќеси со 32 пакувања со кокаин, како и една ќеса со 28 пакувања со хероин. Од страна на судија на претходна постапка на двете лица им е одредена мерка притвор.