Кривичниот совет на Основниот суд, попладнево одредил притвор и издал потерница за приведување на бизнисменот Сеад Кочан, јави Телма.
Советот, на чие чело била Гордана Спировска, ја прифатил жалбата на СЈО, која ја поднесе на одлуката на судијката на претходната постапка, која првиот пат го одби барањето за притвор.
Кривичниот совет одлучил дека барањата за притвор се исполнети, односно дека Кочан ако остане на слобода може да избега, да влијае на сведоци и да уништува докази за случајот „Труст”, во кој се сомничи за местење милионски тендери со фалсификувани документи во РЕК Битола.
Инаку, во предметот „Труст“ осомничени се три физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на Електрани на Македонија.
Како што информираше СЈО, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра, доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на мехнизација и за кадровска екипираност.