Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 29-годишен жител на село Дуброво, Неготинско, поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
– При претрес на домот и помошните простории во местото каде живеел осомничениот, извршен на 5 ноември 2020 година, овластени службени лица пронашле 39.533,4 грама наркотична дрога марихуана. Дрогата која осомничениот ја подготвил за продажба, била спакувана во 41 пакување во најлонска фолија, залепени со бела трака и скриени на повеќе места во близина на домот на осомничениот, во помошна просторија – шупа, информира Јавното обвинителство.
Поради постоење на околности кои укажуваа дека притворот е неопходен за непречено водење на кривичната постапка, постоење на околности кои укажуваа на опасност од бегство и страв дека осомничениот ќе влијае на сведоци или пак ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд достави предлог на осомниченото лице да му биде определена мерката притвор.
Судијата на претходна постапка од Основниот суд Кавадарци го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.