Притисоците и влијанијата поважни од законите

by lali

Постоењето независни и автономни средства за комуницирање, кои ќе ги рефлектираат разновидните идеи и мислења во општеството, е најзначајно во остварувањето на слободата на изразување. Одредбите од Член 10 на Европската конвенција за човекови права се внесени и во клучните европски документи за радиодифузна област.

Постојат неколку основни принципи што треба да се вградени во законодавството на секоја земја, како што се: правото на жалба, правото на одговор, обврската вестите да бидат точни и непристрасни, општите обврски за непристрасност, правилата за спречување дискриминација и независната регулација. Тие принципи се поврзани со демократските цели во регулирањето на радиодифузијата.

Кај нас, во Р. Македонија, целта на законот за радиодифузија е слобода на изразување во радиодифузната дејност, во согласност со Уставот и со меѓународните договори што ги ратификувала и кон кои пристапила Р. Македонија, заштита на интересите на корисниците, иницијативност и поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, образовниот и научен развој, поттикнување на развојот на творештвото, јазикот и традициите…, унапредување и поттикнување на конкуренцијата и развојот на радиодифузната дејност, транспарентност, независност и недискриминација во регулаторните процеси, како и независен и ефикасен радиодифузен сервис.

ЗАВИСНОСТА НА НЕЗАВИСНОТО РЕГУЛАТОРНО ТЕЛО

Што се однесува до економските цели, освен регулирањето на рекламниот простор, со што се заштитува публиката, но и се влијае врз пазарот, постојат и други цели: примена на меѓународните трговски договори, странски инвестиции во радиодифузната сфера, поддршка на продуцентската индустрија, промовирање нови технологии, примена на конкурентското право.

Независно регулаторно тело кај нас е Советот за радиодифузна дејност, кој, во основа, е непрофитно тело, со јавни овластувања во радиодифузната дејност. Тој се грижи за обезбедување слобода на плурализмот на изразувањето, за постоење разновидни и самостојни медиуми, за економски и технолошки развој на дејноста и за заштита на интересите на граѓаните.

Сепак, во јавноста постои уверување дека ова тело не е независно. Несомнено постојат индикации кои укажуваат дека Советот за радиодифузна дејност е под огромно политичко влијание од партиите на власт, најмногу од најголемата партија во владината коалиција, поради што се поставува прашањето: ако е точна таа теза, како можеме да очекуваме да имаме медиумски простор кој треба да ги остварува демократските и економските цели на радиодифузната политика во Р. Македонија, кога телото кое треба сето тоа да го мониторира е под огромен политички притисок?

Во јавноста, исто така, постои и дебата околу тоа што во Македонија постојат огромен број приватни радиодифузери, кои функционираат на еден мал пазар, каков што е нашата земја. Со тоа конкуренцијата станува преголема и логично следува дека цената на рекламниот простор среде голема конкуренција паѓа, а медиумите стануваат зависни од различни центри на моќ, како што се: владата на Р. Македонија, која со своите реклами е најголем огласувач во некои приватни медиуми, па со тоа ја доведува во прашање независноста на уредувачката политика на тие медиуми; политички партии, големи корпорации и други центри на моќ.

ВЕСТИ  КАКО ПАРТИСКИ БИЛТЕНИ

Кај дел од приватните радиодифузери очигледен е недостигот од една важна демократска цел, а тоа се вистинити и непристрасни вести. Кога ќе се направи анализа на вестите и на пристапот кон политичките партии на неколку медиуми со национална концесија, со огромна леснотија може да се заклучи дека тие медиуми не си ја извршуваат општествената обврска, туку се пристрасни кон политичките партии што се дел од власта. Анализата на рекламниот простор на последните предвремени парламентарни избори покажува дека владејачката коалиција имала неколкупати поголем рекламен простор во медиумите отколку опозициските партии.

Покрај вестите, проблематични се и политичките емисии. Како резултат на сето ова, ние имаме медиуми како што се Сител и Канал 5, чии вести наликуваат на билтен на најголемата владејачка партија. Политичките емисии во нив се пристрасни, а новинарите, кои се трудат да бидат професионални со своите авторски емисии, не добиваат продолжение на договорот; некои дури и се стопираат среде сезона. Препознатливо присутен е и недостигот од поддршка на домашната продукциска индустрија и промовирањето нови технологии. Затоа на нашите телевизии можеме да видиме изобилство програма од други држави, бидејќи производството на домашни филмови, серии, музички програми, разни емисии, е сведено на минимум.

Ова се проблеми кои радиодифузната политика мора во најскоро време да почне да ги решава, затоа што медиумите имаат огромна улога во развојот на општеството. Медиумите треба да се критички настроени, да ги промовираат демократските вредности, да ги зачувуваат и да ги промовираат културните вредности. За да можат сето ова да го исполнат, медиумите мора да бидат, пред сè, независни, да не бидат под влијанија во својата уредувачката политика од различни центри на моќ, а незанемарлив предуслов за сето тоа е – да бидат економски независни и стабилни.

Поврзани новости