Деца на сонцето…

by lali

JaniВо филмот „Децата на сонцето“, повеќето сонуваат да бидат деца на сонцето, да ги огрее сонце, а со тоа и да им се решат сите проблеми. Сите сакавме да биде земја на сонцето, го ставивме на знамињата, го имаме на грбот, го цртаме и каде треба и каде не треба, но навистина чии деца сме ние? Нѐ „грее“ ли вистинското сонце?

Знам дека малку зборуваме под ова наше сонце, но можеби сонуваме да бидеме деца на сонцето? Можеби сонуваме за една поинаква Македонија? Сонуваме ли за сонце на една алтернатива, реална и видлива.

Сонува ли студентот од еден студентски дом соба без мувла, тоалети без зараза и менза со здрава храна? Посакува ли еден студент/студентка наводната бројка од 114 проекти од наводните први 100 дена на владата на Груевски да биде барем еден вистински, а тоа е студентски град. Тоа беше еден од моите фаворити (омилени проекти) од борбата за поинакво и подобро Скопје. Простор не само со студентски легла сместени во зелени згради, туку и сите потребни содржини, паркови, маркети, ресторани, кафетерии, библиотеки и спортски терени. И сето тоа за многу помалку од 18 милиони евра за една од најголемите глупости во Скопје 2014, панорамското тркало. Вистински потреби, осветлени од вистинското сонце.

Сонува ли еден наставник достоинствен работен ден? Сонува ли за одење со насмевка на работа, мислејќи само на лекцијата што ќе ја предава тој ден? Работен ден без да го малтретира директорот дали ќе штрајкува, ден без да се двоуми дали успеал сите поведенија да ги уфрли синоќа по полноќ во електронскиот дневник или може да биде казнет со 500 евра? Сонуваат ли директорите на училиштата попладне во кое ќе одат на обука за менаџирање со јавните средства, а не во партискиот комитет да го добијат списокот со лица што треба да се вработат?

Сонуваат ли лекарите ден кога нивната професија и знаење ќе се цени многу повеќе отколку видеоигра? Сонуваат ли барем за вршење на својата хумана професија без да ги снима некој, ѕирка друг, или, пак, пријавува некој трет? За вршење на својата професија за да нѐ лечат нас, а не снимаат спотови како лечат преку телефон. Баш ме интересира каков е протоколот на Тодоров што им го дал за проблеми со простатата по телефон да помагаат? Се плашам дека сето ова бирократизирање на една наука ќе доведе до ситуација во државните клиники и здравство и да немаме веќе кој да сонува.

Сонуваат ли жителите на Скопје да се разбудат со сонце, а без барок, стиропор, лавиринт од споменици? Град со кого нема да се исмејуваат, туку град во кого жителите ќе сонуваат за својата иднина токму во овој град. За жал, некои и немаат време да сонуваат, тие спијат со отворени очи плашејќи се Водно да не тргне да ја наплати човековата лакомост. Сонуваат ли мајките во Шуто Оризари чиста вода и средена канализација? Сонуваат ли за одење на гласање без да ја заложат личната карта за нови четири години кал и зараза?

Сонуваат ли младите да работат во Македонија? За работа до која се стигнува зашто си најквалификуван, зашто вредиш.

За работно место кое нема шанси да ти го земе роднина на министер. За работа со работно време и работнички права. За работно место кое ќе се плаќа колку се работи, за работно место кое не е седење дома и земање плата. За работно место со платени придонеси и К-15 во живо, а не на реклама. Можеби тогаш сонот на младите ќе биде Македонија со сонце?

Сонува еден млад стопанственик деловна клима без рекет, инспекции, нелојална конкуренција. Деловна клима каде што на тендер победува најдобриот, а не посредникот. Деловна клима со познати закони најмалку една година однапред, со еднакви услови како и странците за жал со сомнителен капитал. Деловна клима во која менаџерите ќе сонуваат за развој и инвестиции, а не со страв да гледаат во кваката од канцеларијата кога треба државата да го полни буџетот.

Сонуваат ли новинарите телевизија со информации, а не пропаганда? Програма која едуцира, а не манипулира.

Програма за зацврстување на нашиот идентитет, а не полнење на џебовите на поединци за турбофолк-завивање. Програма со нивен текст, а не потпис со наведната глава. Сонува некој за јавен сервис во кој од цела дебата за уставните измени ќе оди делот само за преименувањето на Народната банка, а молчи за сѐ друго? Зар нема да се изградиме повеќе како личности ако гледаме дебата на тој сервис или пак во парламент?

Сонуваат ли граѓаните за парламент во кој цела влада ќе се плаши од пратениците и ќе ги почитува? Сонуваат ли родителите иднина во која нивното тукушто родено дете ќе го грее сонце, а не да го смрзнува долг од 2.000 евра?

Сонуваат ли навивачките групи наместо меѓусебни каменувања, заедничко навивање за нашите репрезентации? Многу сонувавме нашиот стадион од 32 милиони евра да ги задоволува стандардите на УЕФА и да гледаме врвен фудбал, многу сонувавме. Сонуваат ли младите за полноќни свирки во Стара чаршија? Граѓаните не зборуваат многу, не зборуваат ни малку, знам, но се надевам дека барем сонуваат за поинаква Македонија. Ова не сакам да остане само мој сон. Јас навистина верувам дека Македонија може да биде земја на сонцето, а и ние сите деца на сонцето.

Поврзани новости