Телефонски разговори продолжиле да се следат во Управата за безбедност и контраразузнавање и по објавувањето на опозициските „бомби” кои го открија скандалот со масовното прислушување.
Ова го открива новиот случај на Специјалното јавно обвинителство „Таргет”, според кој има докази дека се прислушувало и во текот на 2016-та година.
Обвинителката Фатиме Фетаи информираше дека во случајот осомничени се 10 лица вработени во УБК од сите структури, за злоупотреба на системите за следење. Претходно, власта ја пропагираше приказната за „жолтите комбиња”, односно дека прислушкувале странски служби.
Како што објасна Фетаи пак, прво осомничениот кој бил на раководна позиција во УБК давал наредби за следење, а второосомничениот, во координација со него, но и самостојно го организирал процесот на прислушување.
Според доказите што досега ги има Специјалното јавно обвинителство, прислушувана биле скоро 6 000 броеви или скоро цела политичка елита, новинари, бизнисмени.
Единствено не бил следен телефонот на Никола Груевски.