Тетовци, посебно по двата мандата на градоначалничката, каде и да одиме, инстинктивно ја перцепираме јавната чистота. Заклучоците се поразителни, нема кој не нѐ претекнал. Центарот на Приштина, сите околни улици што водат до него, се без ниту еден отпадок, контејнерите без ридишта ѓубре наоколу, кошници насекаде – во Тетово ги нема, освен пред Домот на културата, и да… неколкуте тазе предизборни
Пишува Линдита КАДРИУ
На пат одам туку-така, доволна е миговна инспирација. Така беше и овојпат, само чанта и пари колку за едно ноќевање.
Во Приштина се одржуваше научен настан во Институтот за албанологија, кој ми е врежан во меморијата како стожер на борбата за национални права, но и како асоцијација за професорите Реџеп Ќосја и Агим Винца (од Струга), врвни теоретичари на книжевност и дејци што пленеа со полемиките во тогашен „Данас“, белградско „Време“ итн.
Во тие 1980-ти и 1990-ти години беше првенствено граѓанска храброст да се застапуваат националните права, а на браникот беа најпочитуваните; потем тоа прерасна во професија, со која се занимаваат слабообразованите, чиј идеал не е Нацијата, туку Корупцијата.
НЕКОГАШ БЕШЕ СИВ ГРАД
Но, зборот ми беше дека одев за Приштина со уште една драматуршка цел: да се појавам изненадно на Неделата на албанологија, на презентацијата на блиска пријателка, кога ќе имаше збор блиска пријателка, тука ја претставувам само во кроки: таа е поетеса, омилена универзитетон професорка, основач на издавачка куќа, чии книги и по одбир на автори и по дизајн се достојни за сериозни витрини, и уште: сопственичка на тетовски клуб, кој е И светски и наш според клиентелата, духот и ентериерот, дело на Бесиан Мехмети, минатогодишен добитник на престижната награда за архитектура Борис Чипан.
И така, тргнав. Да ви кажам во доверба, магнет сум за луѓе во неволја. На сопатничката, врсничка, а изгледаше како да ми е тетка (што ти значи зорт) ѝ објаснив дека немам поим околу инвалидска пензија, ќе се распрашам, разменивме броеви… потем се симна близу Урошевац за да продолжи кон познатата бања Мајка Наиле на периферијата).
Го набљудувам градот, сум го запаметила сив и, некако, полн со гаврани и нивен крик, како во песната на Алан По, а денес спастрен, чисти улици, засадени дрвја, нови згради, квартови.
…И ете ти ја Приштина.
Тетовци, посебно по двата мандата на градоначалничката, каде и да одиме инстинктивно ја перцепираме јавната чистота. Заклучоците се поразителни, нема кој не нѐ претекнал. Центарот на Приштина, сите околни улици што водат до него се без ниту еден отпадок, контејнерите без ридишта ѓубре наоколу, кошници насекаде – во Тетово ги нема, освен пред Домот на културата, и да… неколкуте тазе предизборни.
НОВА НАДЕЖ
Од станицата до Институтот за албанологија, наоколу опиплива нова надеж. Луѓето, дури и скептиците кон Курти, се во очекување на промени. Нешто дува и мириса убаво во воздухот. Ако ништо друго, Косоварите овојпат беа доволно сконцентрирани на денот на изборите (како што треба да биде секој до гласачката кутија каде што самиот е цар). Изгласаа партија на образовани, нашетани и нагледани, со владение на странски јазици, со широки и бистри погледи, без дамки во биографиите. Не биле на власт? Што ако не!? Корумпирани кадри има и во здравство, и во образование, и администрација, власта е само засилувач и секако одраз на општата слика.
Шетам низ градот, секое кафуле приказна за себе. Обмислени ентериери, зеленило во нив, насекаде оригинална естетика. Така и во новоизградените згради, цели квартови изникнале, урбанизирани убави на око предградија. А беше грдиот главен град во Југославија.
По научните сесии, несекојдневна промоција за чиј офсајд може другпат да раскажам, и сосема на крај, кога Вјолца рече Ајде сега абла да одиме само двете некаде, не претпоставив дека ќе го привршиме денот во една од најубавите простории во кои сум била. Тотал дизајн. Се вика Soma book station, топли препораки ако патот ве води во Приштина.