Принцот Вилијам, војводата од Кембриџ, денеска го прославува својот 40 роденден. Роден е во 1982 година во Лондон како најстар син на престолонаследникот Чарлс и покојната принцеза Дијана, а воедно е и внук на кралицата Елизабета Втора и покојниот принц Филип.
Детството на Вилијам на многу начини се разликувало од неговите врсници ширум светот. Растењето во кралската резиденција и подготовката за идната должност на крал е искуство низ кое повеќето момчиња не поминуваат.
Кога имал 15 години, ја загуби мајка си, која трагично загина во сообраќајна несреќа во 1997 година во Париз, Франција. Принцот и неговиот брат Хари изјавија дека одењето зад ковчегот на нивната мајка на нејзиниот погреб бил еден од најтешките моменти во нивниот живот.
Во студентските денови Вилијам ја запознал љубовта на својот живот и неговата идна сопруга Кејт Мидлтон. Младите студенти се запознале и се вљубиле додека биле дел од Универзитетот Сент Ендрјус во Шкотска каде Вилијам дипломирал географија.
Тие се верија во ноември 2010 година, а пет месеци подоцна имаа голема кралска венчавка, која до ден денес го држи рекордот како настан со најмногу преноси во живо за некој настан – дури 72 милиони луѓе ја следеле свадбата на интернет, а вкупно се проценува дека околу 2 милијарди луѓе го следеле настанот на телевизија. Затоа во 2012 година беа вклучени во Гинисовата книга на рекорди.