Принцип је исти, све остало су нијансе

by Fokus 13:50
13:50

Партиите се однесуваат како една мајка да ги родила, па ставовите, размислувањата, реториката, однесувањето им се речиси исти, во прашање се разлики само во нијансите. Се изнаслушавме за реформи во судството, ама не видовме ниту една, се изнаслушавме за ветинзи, петинзи, ама не видовме ништо на дело

Звонко ДАВИДОВИЌ

- Advertisements -

„Принцип је исти, све су остало нијансе“, пееше Балашевиќ и како да го опишуваше нашето правосудство и политичкото влијание во изминативе дваесетина години.

Секоја политичка партија пред доаѓањето на власт го анатемисува политичкото влијание и ја лоцира извршната власт како диригент под чија палка свири оркестарот на правосудството, но мигот кога ќе ја преземе власта почнува и самата да ја диригира истата музика, истите ноти.

За овие неколку децении се изнаслушавме една те иста фалш музика од истиот самоук и раштиман оркестар, понекогаш само ќе дојде до промена во гудачкиот дел, ама првата виолина брзо се наоѓа.

КАКО РОДЕНИ ОД ИСТА МАЈКА

Партиите се однесуваат како една мајка да ги родила, па ставовите, размислувањата, реториката, однесувањето им се речиси исти, во прашање се разлики само во нијансите. Се изнаслушавме за реформи во судството, ама не видовме ниту една, се изнаслушавме за ветинзи, петинзи, ама не видовме ништо на дело.

Едни ќе го прочистуваа судството преку генерален реизбор, други преку евалуација, трети преку реанимација, сето тоа остана на празни зборови и без дела. И едните и другите се колнеа во самостојно судство, но го користеа за политички цели и пресметки за свои потреби и желби.

Секогаш кога беа во опозиција го критикуваа судството како заробено и политички инфицирано, а кога ќе седнеа во функционерските фотелји без ниту едно преземено дејствие го прогласуваа судството за ослободено и независно како оној што ја прогласи короната за умрена пред две години.

Се изнаслушавме и од едните и од другите за правда, правичноста, еднаквоста на сите пред законот, но многу бргу еден дел од врхушката на власт стана недопирлива.

Во ретките мигови и случаи кога некои судии ќе се одважеа да го применат законот, а тоа се косеше со интересите, потребите и желбите на власта, следуваше експресен одговор и повик за дисциплинирање на истите судии. Сето тоа покажува колкаво е влијанието и контролата на извршната власт врз судството.

ЕТИКЕТИРАЊЕТО НА МИНИСТЕРОТ

Еден од последните примери беше фејсбук-статусот на министерот за правда, кој ги повикува двајцата судии да објаснат зошто ја донеле одлуката со која се прифаќа гаранцијата.

Со ваквата изјава министерот јавно покажа неколку работи. Покажа дека не му се јасни, ниту неговите надлежности, ниту уставната поделба на власт. Ја покажа и супремацијата на извршната власт и методите со кои се служи за дисциплинирање на оние кои „застраниле“ повикувајќи го судскиот совет да реагира.

Настаните потоа, со новиот притвор во кој кумуваа обвинителството за организиран криминал и корупција и кривичниот совет на основниот кривичен суд и со кој по првпат во историјата на судството понискиот суд дерогираше одлука на повисокиот суд, покажа кај кого е диригентската палка.

Но, најмногу од сè ваквото истапување на министерот и повикување и етикетирање на двајца судии од тројца кои го сочинуваат советот, покажа дека законот не важи подеднакво за сите, па обвинителството, и покрај тоа што е повеќе од очигледно дека министерот сторил кривично дело издавање на службена тајна од член 360 од КЗ, воопшто не мрдна ни со прст.

Со обидот на министерот да ја „оправи“ работата со настап на утринска програма каде што дообјаснуваше дека барал судиите само да го дообјаснат својот став и одлуката, само уште повеќе се „дозакопа“.

Министерот треба да научи дека ставот и причините за одлуката судиите ги преточиле во самата одлука и тој нивен став може да го преиспита само повисок суд во постапка по правен лек. Само политичарите имаат обичај да го дообјаснуваат својот став по неколку пати и своите зборови на што сме сведоци последниве години.

Единствена разлика помеѓу едните и другите е што едните ги договараат предметите, пресудите и дејствијата на партиска координација, а овие другите на кафанска „собиранција“. Принцип је исти, све су остало нијансе.

 

Поврзани новости